ЕкономијаМакедонија

Економско-социјалниот совет треба да одржи седница, се очекува да се разговара за инфлацијата и порастот на платите

Економско-социјалниот совет денеска треба да одржи седница, а на неа се очекува да се разговара за минималната плата, порастот на цените на основните прехранбени производи и за потрошувачката кошница. 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека просечната плата треба да биде уште поголема, но дека самиот факт што бруто и нето платата пораснале за повеќе од 11 проценти е доволен доказ против обвинувањата дека платите стагнирале. 

Сакам да кажам дека просечната плата треба да биде уште поголема и во таа насока ние како Влада продолжуваме да работиме, но, самиот факт што и бруто и нето просечната плата растат повеќе од 11 проценти, е демант за сите оние, би рекол некрофили во рамки на опозицијата, кои во изминатиот период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Овие податоци што сега стигаат се доволен доказ дека тие што освен тоа што не говорат вистина, туку шпекулираат, конструираат и креираат невистини и ништо не можат да сработат. Токму затоа таква е состојбата во опозицијата и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив, рече Мицкоски.

Во понеделникот во изјава за медиумите Мицкоски рече дека во завршна фаза е и анализата за базичната инфлација и дека наскоро ќе има мерки против зголемувањето на цените на основните прехранбени производи. Тој, како што изјави, очекува на седницата на ЕСС да ги слушне мислењата и на работниците и на работодавачите. 

Во моментот кога ќе заврши анализата, се разбира дека ќе има мерки. Мислам дека веќе во завршна фаза е анализата за да излеземе со конкретни мерки и имаме индикатори зошто тоа се случува така што очекувам дека многу скоро ќе излеземе, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на затворениот базен во склоп на училиштето „Невена Гоергиева – Дуња“ во Кисела Вода.

Мицкоски притоа посочи дека инфлацијата во јуни била околу пет проценти и во голем дел од европските држави. Во земјава, Државниот завод за статистика пресмета дека во јуни инфлацијата бележи зголемување од 4,5 проценти на годишна основа, а цените на мало зголемување од 3,7 проценти. 

Прашањето за релеватноста на потрошувачката кошница трае веќе извесен период.