(ИНТЕРВЈУ) Јовановски: „Науката потврди дека се наоѓаме на работ на шестото масовно изумирање“
Претседателот на граѓанската организација Биди зелен (Go green), Антонио Јовановски, кој се залага за заштита на животната средина, за порталот Работник укажа на важноста од подигање јавна свест за значењето и заштитата на животната средина.
„Не се доволно информирани, но е зголемен интересот за темата. Тоа се потврдува и со прашалникот спроведен во октомври 2019 година „ПЕРЦЕПЦИЈА НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И НИВОТО НА СВЕСТ КАЈ ГРАЃАНИТЕ“, спроведено од МЖСПП и УНДП. Првенствено, прашалникот го имаат пополнето двојно поголем број испитаници од оној во 2016 година што укажува на зголемениот интерес на оваа тема. Зголемениот интерес се должи и на екстремните временски непогоди кои се случуваат ширум светот, но и во земјата како поплавите во Штип и околината во 2013 година. Ова истражување за јавната свест за климатските промени укажува дека граѓаните сметаат дека климатските промени се трета најсериозна закана за општеството, после корупцијата и недостигот на чиста вода“, вели Јовановски.
Тој истакна дека од вкупниот број на испитаниците 74% сметаат дека компаниите и индустријата не прават доволно за климатските промени, а на второ место се посочени општините, 66% од испитаниците сметаат дека граѓаните не прават доволно за заштита на животната средина со што се повтрдува наодот дека кај граѓаните се зголемува свеста за тоа како поединците може да придонесат за ублажување на климатските промени, додека 12% не прават разлика помеѓу аерозагадувањето и климатските промени што укажува недоволна едуцираност и информираност и сознание дека е потребна континуирана и сеопфатна едукација на овие теми. Затоа и нашата заложба е да темата „климатски промени“ стане дел од образовниот систем и хоризонтално да биде застапена во сите предмети.
Во продолжение погледнете го целосното интервју
Работник: Дали сметате дека граѓаните се доволно информирани за климатските промени и за причините за климатските промени воопшто?
Јовановски: Не се доволно информирани, но е зголемен интересот за темата. Тоа се потврдува и со прашалникот спроведен во октомври 2019 година „ПЕРЦЕПЦИЈА НА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И НИВОТО НА СВЕСТ КАЈ ГРАЃАНИТЕ“, спроведено од МЖСПП и УНДП. Првенствено, прашалникот го имаат пополнето двојно поголем број испитаници од оној во 2016 година што укажува на зголемениот интерес на оваа тема. Зголемениот интерес се должи и на екстремните временски непогоди кои се случуваат ширум светот, но и во земјата како поплавите во Штип и околината во 2013 година. Ова истражување за јавната свест за климатските промени укажува дека граѓаните сметаат дека климатските промени се трета најсериозна закана за општеството, после корупцијата и недостигот на чиста вода.
Од вкупниот број на испитаниците 74% сметаат дека компаниите и индустријата не прават доволно за климатските промени, а на второ место се посочени општините, 66% од испитаниците сметаат дека граѓаните не прават доволно за заштита на животната средина со што се повтрдува наодот дека кај граѓаните се зголемува свеста за тоа како поединците може да придонесат за ублажување на климатските промени, додека 12% не прават разлика помеѓу аерозагадувањето и климатските промени што укажува недоволна едуцираност и информираност и сознание дека е потребна континуирана и сеопфатна едукација на овие теми. Затоа и нашата заложба е да темата „климатски промени“ стане дел од образовниот систем и хоризонтално да биде застапена во сите предмети.
Работник: Кој ги превзема активностите за справување со климатските промени?
Јовановски: Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) е главна институција одговорна за креирање на политиките и тука заедно со Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) навистина прават добра работа. Може да ги погледнете сите документи и извештаи изготвени на www.klimatskipromeni.mk .Но, кога станува збор за имплементацијата, првенствено доаѓа до усвојување на тие документи од страна на Владата, а потоа и клучните документи поврзани со енергетиката ги носи Министерството за економија. Значи, МЖСПП се јавува како еден вид фасилитатор на овие политики, а во суштина имплементацијата лежи во другите институции.
Работник: Кои се последици и ризици од идните климатски промени?
Јовановски: Последиците веќе ги трпиме и затоа за справување во климатските промени, имаме два клучни сегменти. Едниот е наречен ублажување или на англиски „mitigation“и другиот е наречен адаптација , на англиски „adaptation“кој е наменет за прилагодување на последиците од климатските промени. Во суштина последиците на климатските промени значат зголемени нивоа на морињата, менување на климатски циклуси, екстремни временски непогоди (поплави, суши, урагани, итн.), нагли температурни разлики, зголемен број инсекти, вируси и бактерии. Последиците од климатските промени во нашата земја може да се забележат во земјоделството,шумарството, туризмот.Пример во земјоделството се сеќавата кога во април 2017 година температурата во текот на ноќта се спушти до нулата, родот на јаболката во Ресенско се замрзна. Овие појави многу почесто ќе се случуваат и наскоро и временските сезони (пролет, лето, есен, зима) ќе станат многу непредвидливи и релативни. Генерално, во овој регион (Балкан) водните ресурси ќе бидат најмногу погодени, што ќе значи намалување на реките.
Работник: Кои се најчестите фактори кои предизвикуваат загадување на воздухот?
Јовановски: Честичките ги знаеме веќе (ПМ10, ПМ2.5, SO2, Nox, CO; итн.) со користење на апликацијата „AirCare“. Индустријата е најголемиот загадувач во нашата земја според извештај изработен за петнаесет држави од страна на петнаесет врховни ревизорски институции од Европа во соработка со Европскиот суд на ревизори. Заедничкиот ревизорски извештај претставува сеопфатно резиме од 16 ревизии за квалитетот на воздухот. На мапата е прикажана индустријата како најголем загадувач во Македонија и е обележана со црвено, а како втор загадувач се домаќинства и комерцијални објекти.
Работник: Според Вас што сметате дека е поефикасно во заштитување на животната средина, јавната свест или строги казни?
Јовановски: И двете мерки мораат паралелно да се спроведуваат. Казнувањето дава резултати, но за да може да имаме успешна санкциона политика мора да владее правото и да нема корупција. Владеење на правото значи и инспекторите да имаат интегритет и да ги почитуваат и имплементираат законите и санкциите кон оние кои ги прекршуваат. Тоа значи да не бидат подложни на непотизам, подмитување и корупција. Казните ќе влијаат на однесувањето на поединци и фирми, но на долг рок, развој на свеста е неопходна. Кога имавме гости од Шведската Агенција за Животна Средина, колегата сподели дека во Шведска секој ден, редовно има кампањи и едукација кај граѓаните и оние од најмала возраст, за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање. Колегата од Шведска напомена дека казните се исто така присутни, но развивањето на свеста е континуирано и секојдневно присутно во нивното општество како потсетник за причините зошто се казните таму.
Работник: Дали сметате дека воведување мерки кои што дел од Европските држави ги практикуваат, како што е затворање на улиците за сообраќај пред училиштата додека учениците пристигнуваат и си заминуваат од училишните објекти, би биле мерки што ќе направат училишната средина да е побезбедна и помалку загадена за децата?
Јовановски: Од безбедност е секако мерка која се препорачува, да се приоретизираат пешачките зони и велосипедски патеки, особено во областите каде има училишта. Од аспект на загадување на воздухот според студијата на МАНУ и студијата на УГД и Фармахем загадувањето со РМ10 честици најмалку се должи на сообраќајот, што значи уделот на сообраќајот во загадувањето со РМ10 е минорен.
Работник: Свесни дека луѓето се директни загадувачи на животната средина, па врз основа на тоа дали сметате дека строгите казни позитивно би влијаеле во намалување на загадувањето на животната средина од отпадоци?
Јовановски: Да, мојот коментар за казните е погоре.
Работник: Дали сметате дека доколку секое домаќинство врши сопствено селектирање на отпадоци би било многу полесно за понатамошно нивно рециклирање?
Јовановски: Да, секако. Примарната селекција (селектирање во домаќинствата) е суштествено важна за зголемено рециклирање. Примарната селекција исто така значи подобра цена на суровината, отколку секундарната селекција. Секундарна селекција значи дека имаме селектирање на отпадот пред да влезе во депонија. Нашата заложба е примарна селекција во секое домаќинства и инклузија на собирачите на отпад.Тоа го започнавме и со проектот „Растеме заедно“ минатата година каде во 50 згради (1850 домаќинства) поставивме канти за селекција на пластика и хартија. Тоа што заклучивме е дека граѓаните се свесни и селектираат доколку им се овозможат олеснителни услови за тоа. Исто така заклучивме дека целиот проблем за еден економски функциониален модел е во собирањето на суровините. Односно, трошокот за еден собирач (со возило) да оди до една зграда и изврши собирање е околу 100 денари. Суровината која ја презема од зградата е 70 денари. Моментално, нема економска исплатливост, и бараме модели за да може оваа иницијатива (www.selektiram.mk) да остане успешна бидејќи навистина наиде на многу позитивно расположение од граѓаните. Моментално, иницијативата е во мирување, но од февруари продолжуваме со партнерство со „РЕДИ Рециклажа“ и ќе ја зголемиме мрежата од 50 на 400 згради, примарно со фокус на општините Центар, Карпош, Кисела Вода и Аеродром. Селектирањето на отпад е најмалата работа што може да ја направите како граѓанин и да помогнете во заштита на животната средина и воедно на сиромашниот слој на граѓани во нашето општество.
Работник: Дали со заштита на животна средина и климатските промени може да се создадат работни места?
Јовановски: Да. Во извештајот на МЖСПП се потврди дека со мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија ќе се создадат 6500 зелени работни места до 2030 година. Тие се така наречени зелени работни места и ние како здружение се залагаме за да се препознаат како приоритет и во економскиот развој и во образовниот систем. Зелени работни места се пристојни работни места кои придонесуваат за социјална еднаквост и зачувување, обновување и унапредување на животната средина и климата. Поширока дефиниција за зелени работни места прифати и работната група која се формираше при Владата по наша иницијатива. Веруваме дека економијата треба да почива на принципите на заштита на животната средина, ублажување на климатските промени, бидејќи не треба да заборавиме дека НАУКАТА ПОТВРДИ ДЕКА СЕ НАОЃАМЕ НА РАБОТ НА ШЕСТОТО МАСОВНО ИЗУМИРАЊЕ и неможеме да го ставаме профитот и економскиот раст пред ова, бидејќи ќе продолжиме да ја сечеме гранката на која што седиме.

