Вештини ни се потребни за работа во било која земја во светот, ако сакаме да заработуваме повеќе
Автор: Бобан Илијевски
Вештините не прават да бидеме подобри од останатите кандидати за работа
Мораме да се стремиме кон стекнување на вештини кои би ни овозможиле поголема вработливост и започнување на посакуваната кариера.
Секој оној кој е повеќе квалификуван од нас, има поголеми шанси да биде вработен. На тоа и се темели пазарот на трудот насекаде во светот. Речиси насекаде.
И во Македонија е така. Мислев повеќе на приватниот сектор, се разбира.
Треба на сите да ни биде јасно дека каде и да одиме, дали во Германија, САД, Австралија… нема да успееме да се вработиме на работно место коешто би ни обезбедило поголеми примања. Тоа можеме да го направиме само ако ги имаме потребните вештини.
Хрватска и мој личен пример
Еве на пример во Хрватска, во одредени хотели, работниците се плаќаат согласно нивната стручност и вештини. Сето останато не е толку важно. Поради тоа, од големо значење е да се инвестира во стекнувањето на нови вештини.
Уште еден пример, но овој пат личен.
Во мојата професија – онлајн новинарството, не е доволно само да се знае како да се напише новинарски текст. да се побара изјава туку и да се управува со платформата на која се работи, да се биде умешен во тоа да се пишуваат пократки текстови, но и да се има вештини за изработка на мултимедијална содржина.
Кога сме кај интернетот или дигитализацијата, важно е да се напомене дека тие ја наметнаа потребата од стекнување на вештини и знаења кои луѓето треба да ги имаат за да можат да бидат поконкурентни, но од друга стана, создаде и можност истите тие да ги стекнат бесплатно.
На интернет имате огромна количина на написи и видео – туторијали кои можете да ги искористите за да научите некој новитет. Јас преку тие туторијали успеав да ги научам основите за монтажа на видео.
Ова ја потврдува и тезата дека додека од една страна дигитализацијата наложува да се стекнат нови вештини, од друга ни дава пристап (бесплатен, но и преку платени курсеви) за да ги стекнеме истите. Потребни се само волја и интерес.
Од мое лично искуство можам да кажам дека ниедна стекната вештина и знаење не се залудни, бидејќи може многу да ни послужат понатаму во животот. Летаргијата и велењето дека „се е за џабе“, нема да не однесат никаде. И јас го мислев истото, но последниве четири години сфатив дека сум се лажел, но сфатив и дека никогаш не е доцна да се научи нешто ново и да се унапредат веќе стекнатите знаења и вештини.

