СветСиндикат

Каде најмногу, а каде најмалку се штрајкува во Европа?

Според најновата анализа на Фондацијата „Ханс Беклер“, која е блиска до синдикатите, работниците во Германија се меѓу оние што најмалку штрајкуваат во Европа. Во просек, секој германски вработен годишно поминува само десет минути во штрајк – една од најниските стапки на индустриска акција на континентот.

И покрај номиналниот пораст на платите, реалните приходи во повеќето европски земји сè уште не го достигнале нивото од 2020 година. Анализата покажува дека германските работници покриени со колективни договори во 2023 година штрајкувале значително помалку од нивните колеги од други европски земји.

На секои 1.000 вработени, во Германија биле изгубени во просек 21 работен ден поради штрајкови, што ја позиционира земјата во „златната средина“ заедно со Холандија. Сосема поинаква е сликата во Белгија и Франција, каде што бројот на изгубени денови бил дури пет пати поголем.

Меѓу земјите со најчести штрајкови се и Шпанија, Кипар и Финска. Од друга страна, многу низок степен на индустриска акција – од само еден до четири штрајкувачки денови на 1.000 работници – е забележан во Шведска, Австрија и Унгарија.

Главна причина за штрајковите низ Европа останува барањето за зголемување на платите, особено по инфлаторниот шок од 2021 година. Синдикатите во еврозоната успеале да договорат просечен пораст на платите од 4,5 проценти, што по прилагодување на инфлацијата значи реален раст од 2,1 процент.

Во Германија, платите пораснале нешто над европскиот просек – номинално за 5,4 проценти, а реално за 2,8 проценти. Уште поголем раст е забележан во Австрија, Португалија и Словачка.

Сепак, студијата нагласува дека реалните плати ширум Европа, со исклучок на Португалија, сè уште не го достигнале нивото пред пандемијата. Во Германија, според колективните договори, платите во реална вредност и понатаму се околу пет проценти пониски од пред кризата.

Авторите на студијата, Тило Јансен и Малте Либкер, сметаат дека јавната дебата во Германија за ограничување на правото на штрајк не се базира на реални податоци: „Во Германија нема премногу штрајкови, а ниту правото на штрајк не е особено широко поставено.“

Извор: M.A./EUpravo zato/biznis.rs