ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Ковачевски: „Лидл“ интензивно работи за започнување со ефективна работа во Македонија

   Време за читање 2 минути

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска остварија работна средба со претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“ – како од Националниот тим, така и со претставници на Меѓународниот управен одбор.

Целта на средбата беа планираните активности во делот на инвестициите и развојот на оваа компанија во Република Северна Македонија и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект.

На средбата премиерот Ковачевски изрази задоволство што „Лидл“ интензивно работи на подготовките за отпочнување ефективна работа во нашата земја и веќе има вработено 80 лица, а оваа бројка дополнително ќе расте, посочувајќи дека нашата земја има поволни услови за инвестиции и ова како што рече е пример што треба да го следат и други странски компании.

Вицепремиерот Битиќи, кој го координира процесот како едношалтерски систем за инвестиции, изрази задоволство од напредокот на инвестицијата и ја истакна нејзината важност за развојот на локалните добавувачи, кои се надеваат дека ќе имаат доверлив партнер со „Лидл“.

Томаш Кузма, член на Одборот на компанијата одговорен за Западен Балкан, „Лидл Интернешнл“, објасни дека како странски инвеститор „Лидл“ високо ја цени соработката и поддршката што компанијата ја добива од Владата на Северна Македонија. Рубријан Хаџиев, главен извршен директор на Лидл Северна Македонија, истакна дека премиерот Ковачевски и вицепремиерот Фатмир Битиќи му обезбедиле на „Лидл“ работни групи во неколку министерства и единствена точка за контакт за да ја олеснат подготовката за можен влез на македонскиот пазар. Сметаат дека оваа соработка ќе продолжи и во сите други фази од проектот.

„Лидл“ веќе има идентификувано потенцијална локација за својот логистички центар, на земјиште кое е околу 200.000 м2 и се наоѓа во Општина Куманово. Инвестицијата само во логистичкиот центар е околу 80 милиони евра и вклучува намера да се обезбедат повеќе од 150 вработувања. Во оваа фаза на подготовка, „Лидл“ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители. Компанијата организираше извоз на македонски земјоделски производи во мрежата „Лидл“ во соседните земји. И ова е само еден пример од целокупното партнерство на „Лидл“ со добавувачите и производителите кое е насочено кон докажување на секојдневната поддршка и соработка како доверлив партнер во бизнисот.