СветСветот на работникот

Колку заработуваат камионџиите? Ова се нивните плати по земји

Британските возачи на камиони заработуваат и до три пати повеќе од своите колеги во Унгарија, а ги надминале дури и германските возачи – иако често се жалат на платите и условите за работа, покажуваат новите податоци.

Како што пишува trans.info, недостигот на работна сила по Брегзит и големите економски разлики ширум Европа создадоа континент каде што географијата повеќе ја одредува висината на платата отколку возачките вештини. Со бруто плата од 3.350 фунти месечно (3.930 евра), британските камионџии се на врвот на европската табела, додека Унгарија е на дното со само 1.039 евра.

Разликите се очигледни низ Европа. Франција (1.850 евра) и Романија (1.794 евра) стојат само малку подобро од Унгарија, додека просекот во Шпанија е 2.450 евра, а во Полска 2.814 евра. Само Германија е блиску до Британија со 3.357 евра.

Велика Британија

Недостигот на возачи по Брегзит им донесе неочекуван раст на платите. Според Националната канцеларија за статистика, медијалната нето плата изнесува 2.705 фунти месечно – 70% над минималецот и скоро 30% повеќе од просечната плата во земјата.

Десет проценти од најплатените возачи заработуваат над 56.400 фунти годишно, додека најслабоплатените околу 26.700 фунти. Регионалните разлики се големи, но генерално возачите во Британија имаат една од најдобрите позиции во транспортната индустрија во Европа.

Германија

Германските возачи земаат во просек 2.536 евра нето месечно – солидна сума, но сепак 13% под националниот просек. Во Шлезвиг-Холштајн платите достигнуваат 3.575 евра, додека во источните покраини се движат околу 3.200 евра. Иако се над минималецот, професијата останува во „средина“ на германската економија.

Полска

Полската транспортна сцена има две лица.

  • Меѓународни возачи – заработуваат и до 2.345 евра нето, што е 3,2 пати повеќе од минималната плата и значително над националниот просек.
  • Домашни возачи – почетниците добиваат околу 1.055 евра, а поискусните 1.407 евра, што е далеку под европските стандарди.

Овој јаз покажува дека меѓународниот транспорт нуди „излез“ од ниските домашни плати, додека локалниот останува врзан за реалноста на полската економија.

Франција, Шпанија, Романија и Унгарија

Француските возачи се речиси на минималец – во просек 1.420 евра, што е дури и 1.300 евра помалку од националниот просек. Затоа сè повеќе компании се свртуваат кон возачи од Источна Европа.

Во Шпанија, почетниците добиваат само 1.070 евра, но искусните можат да стигнат до 2.040 евра и да се израмнат со националниот просек.

Унгарските камионџии се во најтешка положба. Со просек од само 690 евра нето месечно, тие заработуваат под минималната плата за квалификувани работници и само 58% од националниот просек.

Романските возачи пак, со 1.078 евра месечно, се малку над медијаната, но далеку под просекот во земјата.

Европа пред предизвик

Разликите во платите откриваат сериозни структурни проблеми во европската логистика. Додека британските возачи профитираат од недостигот на работна сила, голем дел од Европа сè уште функционира со неисплатливи плати.

Француската зависност од странски возачи и ниските примања во Унгарија го отвораат прашањето: ќе успее ли Европа да изгради одржлива транспортна економија или ќе остане зависна од мал број возачи подготвени да работат за мизерни пари?

Извор: b92.net