„Понекогаш откажувањето не е пораз, туку почеток на нов раст“ – Интервју со Билјана Кузмановска Тасетовиќ, советник за кариерни транзиции
Потенцијалот на младите, влијнието на стресот на работното место, кога е време да се откажеме…, се дел од темите на кои разговаравме со Билјана Кузмановска Тасетовиќ, GCDF советник за кариерни транзиции.
Работник: Кога би биле на интервју за работа и би Ве прашал накратко да ми ја опишете Вашата професионална биографија, што би ми одговориле?
Кузмановска Тасетовиќ: Многу ги сакам ваквите прашања, бидејќи секогаш кога сме соочени со можност слободно да се претставиме, тоа е идеална прилика да покажеме не само што сме направиле, туку и зошто и како го правиме тоа. Наместо да паничиме, важно е да знаеме што точно сакаме да пренесеме — јасна, концизна и автентична слика за себе.
Би го искористила прашањето за да дадам два одговори во едно — како пример што би кажала за себе, и како совет за некој кој можеби се подготвува за интервју. Би споделила три нешта на кои сум особено горда во мојата кариера.
Најпрво, би почнала со мојата најсилна професионална страна.На пример, се сметам за професионалец кој знае да иницира и развива значајни и иновативни иницијативи – од концепт до имплементација. Во текот на кариерата сум водела програми и иницијативи кои влијаеле врз голем број професионалци и млади луѓе, обезбедувајќи им практични вештини, нови можности за учење и развој, и создавајќи трајни и одржливи резултати.
Потоа би зборувала за мојата способност да поддржувам и мотивирам други, и за конкретните резултати што произлегле од таа соработка – особено преку работата со десетици млади луѓе и професионалци кои денес студираат и градат успешни кариери во меѓународна средина.
На крај, би ја истакнала мојата љубопитност и љубов кон континуираното учење – затоа што токму тоа ми овозможува постојано да растам и да придонесувам со нови идеи и решенија. Учењето за мене не е секогаш поврзано со конкретната работа што ја имам. На пример, моментално учам корејски јазик – не од професионална потреба, туку од лична љубопитност. Тоа ми отвора увид во нова култура и начин на размислување, а преку тоа добивам свежи идеи за тоа како да ги подобрам своите навики и практики во работата. Забавно е, но и доста корисно.
Секогаш размислувам како тоа што сум и што знам може да им служи на другите – било да станува збор за потенцијален работодавач, клиент или партнер. Затоа секоја моја презентација, па и одговор на вакво прашање, е насочена кон тоа како моите искуства и вештини можат да донесат вредност и резултат за заедничката цел.
Работник: Во еден од Вашите статуси на LinkedIn зборувате за потенцијалот коишто го имаат младите луѓе и кој според Вас го има во огромни колични кај нив. Како работодавачите да го откријат тој потенцијал, а како луѓето најдобро да го искористат? Какви услови им се потребни за да го постигнат својот најголем потенцијал?
Кузмановска Тасетовиќ: За да го разбереме потенцијалот, прво мора да се разбереме себеси – нашите вредности, интереси, силни страни и начинот на кој растеме професионално. Само тогаш можеме свесно да го развиваме и насочуваме. Тоа не е лесна задача, бидејќи ние, но и светот околу нас, постојано се менуваме. Но ако го следиме сопствениот развој, размислуваме каде грешиме, каде носиме добри одлуки, и дали ги балансираме разумот и интуицијата – тогаш сме поблиску до тоа да го откриеме својот вистински потенцијал и да го реализираме во било која организација или професија.
За тоа се потребни неколку клучни елементи: самодоверба, одлучност, фокус, верба во себе, адаптибилност, рефлексија и постојано учење. Потенцијалот не е фиксен – тој може да значи длабочина во една област, но и ширина преку различни кариерни патеки.
Потенцијалот се задушува кога владее страв, неконструктивна критика или деструктивен фидбек, недоверба, микроменаџмент и средини кои не дозволуваат поединецот да биде слушнат и виден. Наспроти тоа, потенцијалот расте кога има поддршка, автономија, јасна насока и можности за развој.
Истовремено, средините кои вложуваат во квалитет, во препознавање на поединецот, во доверба, автономија и правична награда, создаваат услови потенцијалот да се ослободи и да расте. Можеби звучи идеалистички, но токму таквите стандарди треба да ги бараме – бидејќи кога човек ќе ги добие вистинските алатки и поддршка, неговиот/нејзиниот потенцијал не само што се развива, туку блеска и отвора нови, возбудливи патеки за раст.
Работник: Факт е дека својот потенцијал не можат да го искористат вработените кои се под огромен стрес на работното место. Според податоците што ги споделивте, 73 % од вработените чувстуваат висок стрес на работа. Што е потребно за да го избегнеме тој стрес?
Кузмановска Тасетовиќ: Стресот на работа е една од главните бариери за развојот на потенцијалот. За да го избегнеме, прво ни е потребна можност да издишиме – да се оддалечиме од постојаните рокови, да направиме пауза и да се поврзиме со самите себе. Тоа значи да се потпираме и на сопствената интуиција, наместо постојано да работиме исклучиво по правила или чек-листи.
Потребно е да работиме со побавно темпо кога тоа е возможно, да ја организираме својата енергија и време, да ги поставиме приоритетите на вистинските задачи и цели. Но, исто така, важна е и радоста на работа – да внесеме игра, авантура и љубов кон она што го правиме. Само кога ја сакаме работата, таа не е товар, туку простор за раст и креативност.
Метафорично, нашата „чаша“ не може да биде полна и претрупана со обврски и да ни биде корисна. Само кога е празна – кога ќе направиме простор за себе, за пауза и за инспирација – можеме да ја наполниме со она што навистина е важно: идеи, мотивација, соработка и личен развој.
Со други зборови, избегнувањето на стресот не е само прашање на техника или правила, туку е начин на размислување и култура на работа која ја цени рамнотежата, радоста и човечката вредност на секој вработен.
Работник: Велите дека Зоната на паника изгледа како раст сѐ до оној момент додека не сфатиш дека не учиш ништо ново, туку дека само преживуваш. Што е Зона на паника и како да ја детектираме?
Кузмановска Тасетовиќ: Зоната на Паника е моментот кога чувствуваме дека растеме, дека учиме и се развиваме, но во реалноста само преживуваме. Тоа е период на претеран стрес, прокрастинација, хаос, долги часови работа и чувство дека „само треба да истуркаш“. Иронијата е што токму најпосветените, оние што сакаат да дадат сè од себе, најчесто завршуваат во оваа зона, убедени дека храброста значи да издржат „уште малку“.
Зоната на паника не е знак на слабост, туку е сигнал дека предолго сме биле храбри. Телото и умот ни кажуваат: „Излези. Одмори се. Врати се во раст.“ Таа е аларм дека нашата продуктивност и учење веќе не се одржливи, дека сме преминале од развој во преживување.
За да ја детектираме, треба да обрнеме внимание на знаците на замор, чувство на преплавеност од обврски, губење на фокус и радост во работата. Кога ќе почувствуваме дека само „туркаме напред“ без да учиме или создаваме, тоа е јасен сигнал дека сме влегле во зоната на паника.
Го сметам овој модел за Зоните на Удобност, Раст и Паника за многу корисен водич низ целата моја кариера. Сум поминувала време во секоја од нив, а во моментов уживам во придобивките од работата во зоната на раст – простор за развој; Но, за да стигнеме тука и навистина да ја цениме зоната на раст, прво мора да сме искрени, храбри и одлучни и да знаеме како да излеземе од зоната на паника.
Работник: „Понекогаш откажувањето е најпаметниот чекор што треба да го направиме“ – ова е извадок од Ваш LinkedIn пост. Кои се најголемите показатели за тоа кога треба да се откажеме од работата во којашто сме вложувале со години?
Кузмановска Тасетовиќ: Откажувањето од нешто во што сме вложиле години не е воопшто лесно и не се случува без страв или дилеми. Сепак, постојат моменти кога секој од нас мора да се запраша: дали ова место, оваа работа или овој проект навистина ми овозможува да растам, да учам и да создавам? Кога одговорот е не, кога секој ден се чувствуваме преплавени од обврски, без радост и без чувство на напредок, тоа е сигнал дека е време за промена.
Во денешниот динамичен работен свет, каде што хибридните модели и брзата промена на технологии ја зголемуваат неизвесноста и динамиката на работното место, ризикот од „заглавување“ во токсични позиции е уште поголем. Поради тоа, способноста да препознаеме кога е време да се повлечеме станува критична вештина за долгорочен кариерен развој. Откажувањето не значи слабост, туку свесност дека нашиот потенцијал заслужува простор да расте.
Кога ќе си дадеме шанса повторно да бидеме успешни и исполнети, кога ќе си ги мериме годините со растот и влијанието што го имаме, ќе сфатиме дека отпорот што го чувствуваме често е сигнал дека треба да се свртиме кон нови предизвици и можности. Најуспешните луѓе често поминале низ вакви моменти пред да достигнат својот врв. И поскаувам се повеќе луѓе кај нас да ги споделуваат своите искуства со ваквите транзиции бидејќи тоа дирекнто ќе помага на сите оние кои можеби се чувствуваат заглавено или неисполнето. Успешните приказни можат да бидат силен мотиватор за промена.
Работник: Пишувате дека на 43 години сте сфатиле дека не сте „недоследна“ затоа што менувате интереси, додавајќи: „Сфатив дека премногу долго се согласував со светот што наградува мајсторство, длабочина во една област, експертиза, а ретко ги цени генералистите“. Следејќи разни кариерни експерти, знам дека многумина од нив препорачуваат да се насочиме кон една област. Можете ли да ни објасните малку повеќе околу Вашето сфаќање дека менувањето интереси не е недоследност? И што би им рекле на оние кои можеби го сфатиле истото?
Кузмановска Тасетовиќ: Кога на 43 години сфатив дека не сум „недоследна“ бидејќи менувам интереси, тоа беше ослободувачки момент. Долго време го следев стандардот на светот кој го наградува мајсторството и длабочината во една област, додека генералистите ретко се ценат. Но денес знам дека менувањето интереси не е знак на недоследност, туку начин да се развие богатство од знаења и вештини кои ме прават пофлексибилна, иновативна и ценета во современиот свет на работа.
Следејќи концепт како Generalist Value Pyramid, сфатив дека вистинската моќ на генералистот не лежи во тоа колку области знае, туку во способноста да гледа на сложени проблеми од повеќе перспективи. Генералистот е оној кој може да „види“ врска меѓу различни дисциплини, да дава свежи и нови идеи и да ги комбинира знаењата од различни дисциплини за да генерира нова вредност. Во денешниот свет, она што го прави генералистот незаменлив е способноста да се прилагоди, да учи постојано и да носи иновација таму каде што експертизата во една област можеби заостанува.
На оние кои можеби се борат со слични чувства, би им рекла: менувањето интереси не е слабост – тоа е свесен развој. Вашата способност да учите, да се прилагодувате и да ги комбинирате различните вештини е токму она што ве прави посебни и вредни на пазарот на трудот. На крај, генералистичката патека иако изгледа така, не е хаотична – таа е стратешка, смислена и адаптабилна, и овозможува да го оствариме својот потенцијал на начини кои длабоката експертиза не би можела.
Работник: Постои „борба“ за стекнување на сертификати, наместо на конкртени вештини. Зошто е важно повеќе да се насочиме кон вештинтие отколку кој сертификатите?
Во контекст на модерните кариерни трендови, често гледаме трка по сертификати, како да тие самите ја носат вредноста. Но вистинската вредност доаѓа од конкретните вештини – од она што навистина можеме да направиме. OECD неодамна објави извештај за skills-first approach, кој покажува дека кога вработувањето се базира на способности, а не само на дипломи и титули, се отвораат нови можности. Овој пристап треба да помогне да се пополнат слободните позиции поефикасно, да нуди повеќе можности за различните таленти на луѓето и да не подготвува за дигиталните и зелените транзиции кои веќе се случуваат на глобалниот пазар на труд.
Во суштина, растот не доаѓа со формален документ. Трката по сертификати го полни нашиот календар со обврски и стрес, и на крајот може да се чувствуваме како да преживуваме од ден на ден, наместо да растеме. Сметам дека секоја промена, секоја програма или обука треба да носи калкулиран прогрес, а не поголем стрес. Секое барање за работа, секое интервју, секоја бизнис идеја или преговарање за плата стануваат исклучително појасни и добиваат смисла кога знаеме што можеме да понудиме. Сертификациите се корисни, но само ако имаат смисла за нас – ако ги користиме како алатки за раст, а не како крајна цел.

