Лопарска – Илоска: Социјалните претпријатија можат да ја зголемат ВРАБОТЕНОСТА на ранливите категории граѓани
Разговараше: Бобан Илијевски
Социјалното претприемништво претставува еден неискористен ресурс којшто допрва треба да се користи. Истиот има голем потенцијал да овозможи зголемување на вработеноста, но и зголемување на општествената одговорност.
Редакцијата на порталот Работник направи интервју со Александра Лопарска – Илоска, Истражувач на јавните политики од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“. Организацијата воедно е и координатор и на Мрежата на социјални претпријатија. Во него таа зборува за разликите меѓу концептите: социјална економија, социјално претприемништво и социјално претпријатие, за тоа колку социјалните претпријатија можат да придонесат во зголемувањето на вработеноста, како и на други теми.
„Постоечките истражувања и искуства, укажуваат дека постоечките социјални претпријатија доколку се соодветно поддржани, и тоа како можат да придонесат кон зголемувањето на вработеноста, особено на ранливите категории граѓани“, вели нашата соговорничка на едно од прашањата во текот на интервјуто.
Работник: Што претставува социјално претприемништво?
Лопарска – Илоска: Кога зборуваме за социјална економија, социјално претприемаштво и социјални претпријатија, најпрво мора да ги разбереме разликите во концептите. Кај нас, во јавниот дискурс сѐ уште постои конфузија околу терминологијата, пред се.
Кога зборуваме за социјална економија, станува збор за економија чија главна цел е да им служи на членовите на заедницата, а не максимизација на профитот. Таа се потпира на демократски процеси на одлучување, кои претставуваат структурни процедури за контрола на реалното постигнување на целите на организацијата. Како дел од организациите кои припаѓаат на социјалната економија можат да се мапираат асоцијациите, кооперативите, фондациите и социјалните претпријатија.
Терминот социјално претприемаштво покрива широк ранг на активности и иницијативи, вклучувајќи и општествени иницијативи имплементирани од страна на профитни бизниси, ентитети кои експлицитно спроведуваат општествена цел, практики кои носат бенефити за општеството, претприемачки трендови на ниво на непрофитни организации. Ваквите иницијативи можат да се спроведуваат од страна на индивидуалци, непрофитни организации, јавни агенции или непрофитни организации во партнерство со профитни претпријатија во обид да го балансираат корпоративниот профит со општествената одговорност. Од ваквите иницијативи не се очекува да бидат финализирани со краен производ, ниту се очекува да останат стабилни, односно одржливи со тек на време.
Социјално претпријатие: Според дефиницијата на Европската Комисија „Социјално претпријатие е оператор во социјалната економија чија главна цел е да има општествено влијание наместо максимизација на профитот за своите сопственици или засегнати страни. Со својата работа обезбедува добра и услуги на пазарот преку иновативен и претприемачки начин и ја користи својата добивка првенствено за да оствари општествени цели. Со него се управува на отворен и одговорен начин и, особено, ги вклучува вработените, потрошувачите и заинтересираните страни кои се под влијание на неговите комерцијални активности.“
Работник: Што е потребно за да се отвори социјално претпријатие?
Лопарска – Илоска: За да се отвори социјално претпријатие, пред се, треба да постои силна инидвидуа (социјален претприемач), која е водена од вредности, со силен мотив претприемачки да реши горлив општествен проблем и да се спротивстави на сите институционални и општествени пречки во решавањето на тој општествен проблем. Социјалниот претприемач треба да биде спремен да користи алатки за консултирање на вработените и на сите засегнати страни, а дел од својот профит да го реинвестира за развој на ентитетот. Тој/таа се посветени на решавање на општествениот проблем, се грижат за заедницата, но и за своето влијание врз животната средина.
Во последните неколку години, под влијание на забрзаното препознавање и развој на социјалните претпријатија на ЕУ ниво и улогата која истите ја одиграа во време на Ковид-19 кризата, и во Северна Македонија се унапредуваше еко-системот и политиките кои го таргетираат секторот. Минатата година Владата ја усвои првата Национална стратегија за развој на социјалните претпријатија (2021-2027), која беше изготвена низ широк и партиципативен процес.
И покрај отсуството на специфични правни форми за социјалните претпријатија, дел од постојните законски акти овозможуваат основање и функционирање ентитети што можат да бидат препознаени како социјални претпријатија, како, на пример, граѓански организации и фондации, кооперативи, заштитни друштва, комори на занаетчии, земјоделски задруги, а и неформалниот сектор за собирање отпад го има потенцијалот да биде трансформиран преку социјално претприемаштво.
Работник: На кој начин функционираат социјалните претпријатија?
Лопарска – Илоска: Социјалните претпријатија треба да функционираат отворено, демократски и партиципативно. Тие треба во континуитет да применуваат алатки за консултации со засегнатите страни и крајните корисници, да формираат партнерства и мултисекторски да приоѓаат на проблемите. Можеби ваквите процеси честопати ни изгледаат дека се без вредност, но праксата покажува дека истите се клучни за развојот на социјални иновации, но и за обезбедувањето одржливост.
РаботникКолку истите можат придонесат во зголемувањето на вработеноста?
Лопарска – Илоска: Постоечките истражувања и искуства, укажуваат дека постоечките социјални претпријатија доколку се соодветно поддржани, и тоа како можат да придонесат кон зголемувањето на вработеноста, особено на ранливите категории граѓани. Во моментов, социјалните претпријатија во земјава градат еден заштитен пазар на труд кој активира значително комплексни категории како долгорочно невработени, лица без образование и квалификации, самохрани мајки, жртви на семејно насилство, бездомни лица, лица со попреченост, лица кои живеат со зависности, Роми итн.
Работник: На кој начин државата може да помогне повеќе да се развие социјалното претприемништво?
Државата може да го помогне развојот на социјалните претпријатија на многу начини. Во моментов фокусот е на развој на Законско решение кое се очекува да биде достапно за јавна дебата до септември, оваа година.
Меѓутоа, Законско решение без соодветни мерки за поддршка е далеку од доволно за развој на овој сектор. Клучниот момент кој недостига е пристапот до социјален финансиски инструмент, даночни бенефиции и олеснување, вклучување на социјалните претпријатија во набавките на јавните институции и локалната самоуправа, унапредување на соработката на социјалните претпријатија со традиционалниот бизнис сектор.
Истражувањата и праксата ни кажуваат дека голем дел од социјалните претпријатија се соочуваат со институционални пречки, со нереспонсивност на јавните институции и одолговлекувања на процеси за издавање на дозволи и решенија. Доколку овие бариери не се отстранат, невозможно е да очекуваме развој на секторот.
Останува предизвик и како да се доближи концептот поблиску до младите и до граѓаните. Како да се мотивираат младите да останат во земјава и како социјални претприемачи да адресираат клучни проблеми.

