Колумни

Македонските работници се сеуште далеку од пристојна работа

Денес (7 октомври) е Светски ден на пристојната работа, но не знам во Македонија дали треба да се одбележи овој Ден во вистинската смисла на зборот или пак да се одбележи Ден на (не)пристојна работа. Од осамостојувањето на Македонија па се до денеска голем дел на работниците, особено во приватниот сектор, работат секаква, освен пристојна работа. Нивното достоинство е сведено на нула, а многумина од нив наместо како работници, се третираат како робови од страна на газдите кои јас сакам да ги нарекувам робовласници.

Дека работниците се најдолу во општествената хиерархија покажа и пандемијата предизвикана од корона вирусот, поради која речиси 40,000 работници останаа без работа, а со тоа и без приход. На многумина работните места им се претворија во ноќен кошмар. Ова особено важи за вработените во текстилниот сектор, каде што во некои фабрики од машина до машина има толку мала оддалеченост, што работниците дишат во нив (ова го посочија вработени во текстилни фабрики во документарниот филм на Види Вака, под наслов „Здравјето на конецот“) Сметам дека треба секој да го гледа за да го види вистинското патешествие на текстилните работници во изминатиот период.

За тоа дека многумина работници во приватниот сектор немаат пристојна работа, говорат и фактите на постојаниот мобинг којшто најчесто е застапен како психолошко вознемирување. Ова, во најголем дел се случува во микро и малите компании каде има помал број на вработени и каде е најзастапена сивата економија. Во ваквите претпријатија, работниците практично не можат да се обратат некаде во врска со мобингот, бидејќи ќе ги изгубат работните места, а со тоа и приходот. Во денешно време еден приход повеќе значи многу за едно семејство, па поради тоа работниците се подготвени да трпат се, само да го задржат приходот. Голем проблем се и несигурните работни места. Ова значи дека работниците коишто работат на „црно“, можат во секое време да го загубат работното место. Тука мора да се посочи дека несигурни работни места имаат и оние коишто работат на договори. Едноставно договорот може да истече, и газдата да не го продолжи, без да даде причина зошто го прави тоа. Има и ред други работи коишто придонесуваат многумина работници да немаат пристојни работни места, но кога би ги пишувал сите, оваа колумна би требала да биде роман.

Трудовата сфера во Македонија и тоа како треба да се реформира и зајакне. Доколку не се направи ова, голем дел од работниците нема да имаат пристојна работа уште долго време, а тоа ќе им биде дополнителен мотив за да се иселуваат од државата. Јас не знам кога, но уверен сум дека ќе се случи газдите кои на редовна основа ги прекршуваат работничките права, престанат да го прават тоа, а ова ќе се случи кога нема да имаат работна сила.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник