Македонски Каритас преку проект ги мотивира младите за кариерен развој
Можности за вработување и кариерен развој во Македонија постојат, но недостасува поголема поддршка за да може младите да го откријат и искористат својот потенцијал. Потврда за тоа дава проектот „Your Job II“ на Македонски Каритас, преку кој околу 340 млади корисници добија различни услуги за професионален развој.
Во рамките на проектот, повеќе од 30 курсисти завршија сертифицирани обуки, додека над 160 млади учествуваа на работилници за развој на меки вештини. Значаен сегмент беше практиканството, каде 16 корисници имаа можност за платена пракса во реалниот сектор.
Дел од младите добија и грантови до 5.000 евра за спроведување на сопствени идеи, што им овозможи да ги реализираат своите проекти.
Проектот опфати млади од општините Струмица, Босилово, Василево, Ново Село, Гевгелија и Богданци. Тој се реализира со поддршка на Каритас Австрија, а исто така се спроведува и во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово како пример на успешна регионална соработка за поттикнување на младинската вработливост.
Извор: Сител

