Останато

Малку од дома, малку од работа: Ова би можела да биде најлошата опција за вработените

Подготвил: Бобан Илијевски 

Само што се „усвои“ работата од далечина, започна наголемо да се зборува за хибриден режим кој би можел да стана трајна пракса. Сепак, би можел да стане и многу конфузен за шефовите и за работниците.

Имено, овој вид на работа подразбира одење на работа два до три дена неделно, а преостанатите денови да се работи од дома или од некое друго оддалечено место. Уште кога започнала да се води оваа полемика, од банката „JP Morgan Chase & Co.“ рекле дека одењето на работа во понеделник и петок е задолжително.

Значи, нивните вработени би можеле да работат од дома во вторник, среда и четврток, што е флексибилно во однос на претходниот начин на работа, но не во однос на приказните кои постоеле: дека работниците ќе имаат полна слобода да одберат кои денови сакаат да одат на работа, а во кои не.

Од прочуената американска банка тргнале од тоа дека сите треба да бидат собрани на едно место, кога работната недела почнува, а и кога завршува, бидејќи тогаш се одржуваат најважните состаноци и се носат важни одлуки.

Од „Saleforce.com Inc.“ уште во мај рекле дека најпопуларен ден за доаѓање на работа им е четврток. Но, се поставува основното прашање во врска со хибридниот начин на работа, а тоа е „дали е комплициран и во која мера?“.

Помалку луѓе го избираат овој начин на работа, бидејќи им дава чувство дека „не се ни на небо, ни на земја“. На пример, може да дојде до чести промени во распоредот: ако вработениот, на пример, смета на вторник како ден за работа од дома, планот може да се смени во последен момент.

Работните обврски, притоа, треба да се комбинираат со приватните планови, грижата за семејството. А тука е и проблемот со пониската плата која им следува на работниците кои работат од дома. Се претпоставува дека на оние кои во иднина нема да одат во канцеларија ќе им следува помала плата, бидејќи немаат трошоци за превоз, храна и сместување.

За ова се огласиле и најголемите технолошки компании од Силиконската долина, како Фејсбук, од кој било речено дека трошоците во тој дел на Сан Франциско биле многу големи, па и поради тоа платите се поголеми; но, доколку вработените решат да работат од некое друго место, ќе имаат помали плати.

Исто така, уште еден проблем поврзан со хибридниот начин на работа е тоа што морате колку – толку да бидете блиску до канцеларијата. Ако од вас се бара да одите на работа во понеделник и петок, тогаш не можете да бидете стотици километри оддалечени од работното место, а особено не на друг континент.

Тоа, најпрво, не е физички секогаш изводливо, а од друга страна, многу чини.

Хибридниот начин на работа сигурно би внел повеќе конфузија во секојдневието на работникот: кога да доаѓа, а кога не, како да го осмисли буџетот и да ги прилагоди обврските… Луѓето вообичаено сакаат да „знаат на што се“: или да работат од канцеларија или од дома. Само на мал процент би им одговарало „шетањето“ од канцеларија до дома.

Извор: Biznis Telegraf

Фото: Shutterstock