СветСветот на работникот

Мајките заработуваат речиси 30 проценти помалку од татковците: Истражувањата ја открија длабочината на родовиот јаз во ЕУ

Жените со деца во Велика Британија заработуваат 302 фунти помалку неделно од мажите со деца, додека во ЕУ жените се и понатаму помалку платени од мажите, покажуваат анализи и официјални истражувања.

Според анализата на Office for National Statistics (ONS), мајките во Британија заработуваат една третина помалку неделно и речиси 20 проценти помалку по час во споредба со татковците. Тоа практично значи дека мајките, од 1 септември до крајот на годината, работат „бесплатно“, пишува Guardian.

„Причината зошто јазот во платите меѓу половите толку се зголемува по раѓањето деца е што основањето семејство има несразмерно негативно влијание врз заработката на жените,“ вели Џоели Брелри, основачка на програмата Growth Spurt, онлајн иницијатива за враќање на работа на родителите.

Таа додава дека ситуацијата е уште полоша, бидејќи анализата не ги зема предвид многуте родители кои стануваат економски неактивни поради обврските околу грижата за децата.

„Знаеме дека жените многу почесто се принудени да ја напуштат работата поради високите трошоци за чување деца, дискриминација во бременоста и недостиг на флексибилно работно време,“ објаснува Брелри.

Дискриминација и недостиг на можности

Секоја година околу 74.000 жени во Британија се приморани да го напуштат своето работно место само затоа што останале бремени или користеле породилно отсуство. Повеќето мајки сведочат дека искусиле дискриминација или неповолности – од пропуштени унапредувања до маргинализација на работното место.

Дополнителна пречка претставуваат и високите трошоци за чување деца, како и ограничените можности за напредување кај скратеното работно време, кое мајките најчесто го избираат за да ја усогласат работата со семејните обврски.

Според податоците од Велика Британија за 2025 година, просечната неделна плата на мажи со деца е меѓу 1.020 и 1.050 фунти.

„На крајот, застарениот систем на родителско отсуство дополнително ги цементира родовите стереотипи: мајките се поттикнуваат, а често и се очекува да земат подолго отсуство, додека татковците брзо се враќаат на работа. Тоа ја зацврстува идејата дека грижата за деца е ‘женска работа’, а во меѓувреме кариерата на мажите продолжува, додека женската стагнира,“ нагласува Брелри.

Состојбата во ЕУ

Ситуацијата не е подобра ниту во ЕУ. Според податоците на Евростат од 2023 година, просечната бруто-часовна заработка на жените во Унијата е 12 проценти пониска од онаа на мажите. Ова е општ просек кој не ги зема предвид специфичните фактори, како родителскиот статус.

Истото истражување покажува дека приходите на мајките во Полска паѓаат за околу 20 проценти по раѓање на дете, додека приходите на татковците растат.

Во Чешка жените во просек заработуваат 18,9 проценти помалку од мажите, што е над просекот на ЕУ. Во Франција, пак, според податоци од 2021 година, просечната годишна плата на жените во приватниот сектор изнесувала 18.630 евра, додека на мажите 24.640 евра – разлика од 24,4 проценти.

Потреба од реформи

Д-р Мери-Ен Стивенсон, директорка на Women’s Budget Group, истакнува дека системот на отсуство ја зацврстува родовата поделба на неплатениот труд.

„Дури и парови кои сакаат рамномерно да ја делат грижата, сепак најчесто ја оставаат жената како примарен старател. Важно е владите да препознаат колку е овој систем лош за сите и да воведат реформи што ќе овозможат родителите подеднакво да го делат и платениот и неплатениот труд,“ вели таа.

Овие податоци јасно покажуваат дека родовиот јаз во платите во ЕУ и понатаму е голем и дополнително се проширува со родителството, особено на штета на жените.

Извор: EUpravo zato.rs