Колку изнесуваат минималните пплати во земјите на ЕУ и какви се трошоците за живот?
Податоците на Евростат покажуваат дека платите во Европската унија значително се разликуваат — од нешто над 500 евра па сè до над 2.600 евра месечно. Сепак, кога ќе се земат предвид трошоците за живот, јазот меѓу земјите станува помал.
Големи разлики во износот на минималната плата
На 1 јануари 2025 година, 22 од 27 земји на Европската унија имале законски утврдена минимална плата. Во десет земји, таа изнесувала помалку од 1.000 евра месечно — меѓу нив се Бугарија (551), Унгарија (707), Летонија (740), Романија (814), Словачка (816), Чешка (826), Естонија (886), Малта (961), Грција (968) и Хрватска (970 евра).
Шест земји имале минимални плати меѓу 1.000 и 1.500 евра – Кипар (1.000), Португалија (1.015), Литванија (1.038), Полска (1.091), Словенија (1.278) и Шпанија (1.381).
Во преостанатите шест земји, минималната плата надминува 1.500 евра: Франција (1.802), Белгија (2.070), Германија (2.161), Холандија (2.193), Ирска (2.282) и Луксембург (2.638 евра).
Кога ќе се пресметаат трошоците на живот – помал јаз меѓу платите
Највисоката минимална плата во ЕУ е 4,8 пати поголема од најниската, но ако се направи корекција според разликите во цените на живот, односот се намалува на 2,3 пати. Во таков случај, минималните плати се движат од 878 PPS (стандард на куповна моќ) во Естонија до 1.992 PPS во Германија.
Минималните плати во однос на просечните
Во 2022 година, минималните плати во Франција, Португалија и Словенија изнесувале над 60% од просечната бруто плата, додека во Белгија, Малта, Естонија и Летонија биле значително пониски — меѓу 43 и 49 проценти од просекот.
Податоците се изразени во бруто износ, пред одбивање на даноци и придонеси. Таму каде што минималната плата се определува по час (како во Германија, Франција, Ирска и Холандија), таа е пресметана на месечно ниво.
Во земјите каде што платите се исплаќаат повеќе од 12 месеци годишно, како во Грција, Шпанија и Португалија, податоците се усогласени со таа практика.
Европската директива за праведни минимални плати
Во 2022 година, Европскиот парламент и Советот на ЕУ ја усвоија Директивата (ЕУ) 2022/2041 за адекватни минимални плати, со цел да се подобрат животните и работните услови и да се воспостават критериуми за праведни минимални плати во секоја земја-членка.
Извор: EUpravo, zato.rs
Фото: Shutterstock

