ПравдаСветот на работникот

Менаџерскиот договор наспроти договорот за вработување

Рубрика трудово и социјално право
Тема: Менаџерскиот договор наспроти договорот за вработување
Во едно од моите претходни излагања во рубриката трудово и социјално потенцирав дека Договорот за вработување е единствениот начин за засновање на работен однос. Но што е со оние вработени кои не спаѓаат во онаа категорија на класични работници. Станува збор за договорите склучени помеѓу друштвото и менаџерите односно раководните лица и лицата членови на управните одбори.
Овој тип на договори не спаѓаат во класичните договори за вработување, па затоа и самиот Закон за работни односи само површно ги спомнува таканаречените менаџерски договори. Така во членот 54 е предвидено дека ако договор за вработување склучуваат деловните лица (менаџери), во договорот за вработување страните можат поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите од работниот однос особено за: 1) условите и ограничувањата на работниот однос на определено време; 2) работното време; 3) обезбедувањето на дневен и годишен одмор; 4) плаќањето на работата и 5) престанувањето на важноста на договорот за вработување. Додека пак Законот за трговски друштва е тој кој ги уредува овој вид на договори. Па така менаџерите (извршниот член на одборот на директори или управителот) за времето за кое е избран, освен ако функцијата ја врши без засновање работен однос, правата од работен однос ги остварува според условите утврдени во договорот за уредување на односите помеѓу менаџерот и друштвото, а во согласност со Законот за трговски друштва.
ПРАВИЛНО е да се смета дека менаџерскиот договор е посебен sui generis правен инструмент, со кој правно се уредуваат односите помеѓу друштвото и менаџерот.
ПОГРЕШНО е да се смета дека кај овој вид на договори не постојат права од работен однос, тие постојат, но не постои класичен работен однос со договор за работа, туку со склучувањето на ваков тип на посебни договори се уредуваат дел од прашањата од работен однос.
Проф. д-р Лазар Јовевски