Светот на работникот

МЗЗПР: 25 смртни случаи при работа се забележани во 2019 година

Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, Милан Петковски за порталот Работник рече дека во извештајот не се пресметани жртвите од сообраќајната несреќа во Ласкарци, каде што погинаа околу 16 луѓе, а некои од нив беа повредени, од причина што не се знае бројката на загинати и повредени кои се враќале од работа.

Тој вели дека самиот извештај покажува дека се гине на работното место. Петковски посочува дека доколку би направиле споредба со другите држави од Европската унија, Македонија има многу поголема стапка од овие држави во однос на несреќи при работа.

Според податоците на МЗЗПР во 2019 година се случиле 178 несреќи при работа од кои 25 биле фатални.

Така, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,19 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 вработени. Стапката на смртни случаи при работа е намалена во споредба со 2018 година, кога изнесувала 4.34.

Од МЗЗПР наведуваат дека доколку се земе за споредба Велика Британија, каде стапката изнесува околу 0.5, ќе констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа.

Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2019 година изнесува 19,18, што покажува дека на секои 100.000 вработени, се повредуваат околу 19 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,3, стапката на повреди за 2019 е во пораст.

Од вкупнп 34 градови во Македонија, цо 2019 година во 32 од нив се случиле несреќи при работа, што значи дека во 89% биле забележани несреќи при работа. Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје
е град со најголем број на несреќи. По Скопје следат Куманово и Гостивар. Оваа година во Скопје, Гостивар, Струга и Берово се случиле и најголемиот број на смртни случаи поврзани со работното место.

Гледано по дејност, од МЗЗПР во извештајот истакнуваат дека во 2019 година најмногу несреќи има во дејноста „Градежништво” по што следи „ Дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби””. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во „Дејности на домаќинствата како работодавачи; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби”, по што следи дејноста „Градежништво”. Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Доколку овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста
земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај. Исто така градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број на повреди и смртни случаеви, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најчестите причини за настанување на несреќи при работа.

Во извештајот на МЗЗПР стои дека како и изминатите години, така и оваа, при смртен случај или потешка повреда на работно место постојат различни инспекциски служби кои се надлежни за вршење увид. Во рударството увид во несреќите врши рударски инспектор. Инспекцијата за заштита при работа во состав на Министерството за труд и социјална политика не врши увид и не води евиденција за несреќи на работници во сообраќај, во секторот на полиција, одбрана и за несреќи настанати при вршење дејност во домаќинствата. Поради ова постои можност за разлика во бројките за несреќи кои ги водат различни институции.

Според извештајот најмногу смртни случаи имало во ден сабота, а исто така голем број на повреди имало и во деновите – среда, вторник и понеделник. Гледано по месеци, најмногу несреќи се случиле во месец октомври, а во Јуни се случиле најголем број на смртни случаи. Може да се забележи дека несреќите најчесто се случувале во пролетните месеци, како и на почеток на есенските месеци. Во 2019 година во сите останати месеци има слична состојба со бројот на несреќни при работа. Во летните месеци на 2019 г. во споредба со минатите години има намалување и на бројот на повреди и на бројот на смртни случаеви.

Во однос на возраста, податоциите на МЗЗПР покажуваат дека најголем број несреќи се случиле на лица на возраст помеѓу 45-54 години. Меѓутоа, најголем број на несреќи со фатален исход има во категорија на возраст од 55-64 години. Мора да се истакне дека за голем број на несреќи нема податоци за возраста.

Гледано според пол, 150 мажи и 3 жени доживеале повреда при работа и 24 мажи и 1 жена се починати при извршување на работни активности.

Бобан Илијевски