ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Минималната плата од 18.000 денари има за цел подигање на работничките права, велат од Владата

   Време за читање 2 минути

Aнгажманите на Владата се минималната плата да биде 18.000 денари што има за цел подигање, проширување на работничките права, истакна денеска портпаролот на Владата Мухамед Хоџа на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за ставот на Сојузот на стопански комори дека мерката е популистичка и дека ќе влијае на дестабилзиација на пазарот на труд.

– Оваа одлука треба да се случи во иднина и е во насока на пораст на правата на работниците, порача Хоџа.

Сојузот на синдикати на Македонија во понеделникот поднесе предлог до Собранието и до Министерството за труд и социјална политика за донесување закон со кој минималната плата треба да изнесува 18.000 денари. ССМ бара и висината на минималната плата да не биде пониска од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите останати плати во државата.

Ваквите барања веќе подолго време ги бара синдикатот, а како аргументи за зголемувањето на минималната плата ги посочува порастот на животните трошоци и најавите за зголемување на цената на струјата по Нова година.

По барање на ССМ се работи и на анализа за влијанието на минималната плата врз стопанството чии првични резултати, според нив, покажуваат дека покачувањето на минималната плата не влијае негативно, туку напротив позитивно на продуктивноста на работниците.

Од Сојузот на стопански комори (ССК) пак денеска порачаа дека зголемувањето на минималната плата како резултат на политички популизам, а не на функционални пазарни механизми или зголемена продуктивност на работната сила и зголемена економска активност, ќе доведе до намалување на работните места, раст на цените на производите и раст на сивата економија.

Според нив ваквата одлука ќе ги стави компаниите во дополнителен трошок, особено во период на здравствено-економска криза.