Останато

Министерот за здравство се згрозил од условите во болницата во Штип, ама новата никако да се изгради

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, по денешната посета на болницата во Штип рече дека е згрозен од условите под кои таа работи. Над 200.000 жители од источниот регион веќе шестта година чекаат да се изгради новата современа болница, кој имаше проблеми и со изведувачот и со кредиторот.

„Јас денес ги видов просториите, сум бил тука и порано како лекар, тие не заслужуваат така да работат. Ова навистина не личи на ништо, на 21 век. Ние навистина ќе направиме напори што побргу новата болница да се заврши и здравствените работници да имаат подобри услови за работа и пациентите да добијат подобри услови“, рече Меџити.

Тпј додаде дека никој нема магично стапче за веднаш да ги реши проблемите, а еден од нив е кадровската екипираност на болницата. Новата зграда на Клиничката болница Штип ќе биде готова за три години, уверува тој.

„Не знам зошто се немало стратегија, не знам зошто е доведено во ваква состојба, да бегаат, да немаме конкретни кадри, конкретни струки. Не знам зошто не е направена стратегија од претходните менаџери, требало тоа да го имаат предвид дека не може една клиничка болница да функционира без кадри. Сега слушам дека има четворица хигиеничари, тоа е незамисливо на таков обем на работа да ги завршат работните задачи. Но, тука сме, еве апелирам – за сè што не е во ред да укажувате. Медицински 24/7 стојам на располагање и јас и тимот за да ги унапредиме работите“, додаде Меџити.

Меџити имаше средба со менаџментот на болницата и заеднички извршија обиколка на оваа ЈЗУ.