Неделков за РСЕ: Потребни се пократки часови и подолги одмори во време на пандемијата
Носењето маски цел ден е штетно и за учениците и за наставниците. Затоа предлагаме да се скратат часовите на 30 минути, а да се зголемат одморите за сите да може да излезат во училишниот двор и да ги наполнат белите дробови со свеж воздух, вели претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Јаким Неделков во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Неделков, Комисијата за заштита од заразни болести во овој момент не препорачува промена на моделот на настава во училиштата, зашто согласно последните податоци степенот на заразност од ковид-19 се намалил за 40 проценти од почетокот на учебната година. Каков е ставот на просветните работници?
Ние немаме ниту причина, ниту право да се сомневаме во компетентноста на Комисијата за заразни болести и ги почитуваме нивните предлози, односно одлуки коишто ги доставува до владата во однос на безбедноста и здравјето на вработените во училиштата и секако за учениците.
Пред сè, нашиот став е да се изнајдат решенија кои ќе бидат погодни и за учениците и за вработените во училиштата со најмал ризик во однос на заболувања, односно ширење на вирусот. Од таа причина можеме да коментираме и за мерките, коишто ги предлага Комисијата за заштита од заразни болести, а Министерството за образование преку владата ги прифаќа, колку се тие издржани и колку се лесни или тешки за спроведување. Ги знаеме кои се протоколите, тој документ е јавен, го имаат сите училишта, се спроведува во најголем дел на училиштата, односно се спроведува онолку колку што е воопшто возможно.
Повеќе прочитајте на РСЕ

