Неделков: Знаеме дека има многу побарувања за запишување во градинките, но тоа не е проблем на вработените
Бобан Илијевски
СОНК поднесе иницијатива до Уставниот суд за да ја преиспита уставноста на Одлуката која Владата ја донесе на својата 103 седница, со која се дополнува протоколот за бројот на деца, односно истиот се зголемува од 21 на 25 деца, во големите групи градинките. Оваа одлука според СОНК е спротивна на Законот за заштита на деца, како и Колективниот договор за заштита на деца.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков, во изјава за порталот Работник вели дека по предлог на Министерката за труд и социјална политика, Владата на Р. Македонија се претвора и во извршна и во законодавна власт.


Неделков вели дека промена на законските одредби може да врши само Собранието, а не Владата.
„Владата си зема за право да со Одлука промени протокол со којшто го утврдува бројот на деца во групи во градинките. Тоа е недозволиво од причина што бројот на деца во групи е регулиран со Законот за заштита на деца и со Колективниот договор. Законот за заштита на деца може да се смени само во собраниска процедура, а Колективниот договор за детска заштита може да го променат само потписниците, а тоа се СОНК и Министерството за труд и социјална политика. Никако не смее Владата да се одважи да направи таква работа за промена на деца во група“, вели Неделков.
Тој истакна дека во опасност се ставаат здравјето и безбедноста на вработените во детските градинки, бидејќи, како што вели, не случајно се направени тие стандарди според кои децата по возраста се распределени по групи. Наведе дека тоа значи дека домашни и меѓународни експерти утврдувале колку вработените психички и физички можат да работат со одредена бројка на деца којшто се на помала возраст.

„Од таа причина не може некој да си поигрува со здравјето на вработените во детската заштита, затоа што имало големо побарување за запишување во детските градинки. Извинете, точно е тоа дека има голем број на побарувања за запишување во градинките, меѓутоа тоа не е проблем на вработените во установите коишто треба да работат над нормативите“, вели Неделков.
На овој начин, како што вели, под присила се доведуваат вработените да работат надвор од законски пропишаната норматива, во однос на работните задачи и бројот на деца, со што се преоптоваруваат.
Неделков посочи дека од голема важност е и здравјето на самите деца. Тој подвлече дека со толку голем број на деца во групите, тие не се чувствуваат здрави и безбедни во такви средини, од причина што вработените во детските градинки, особено воспитувачките и негувателките, не можат максимално да се посветат на грижата, воспитувањето и негувањето на децата во градинките.
„Неретко ќе се случува децата меѓу себе да се повредат или да се тепаат или не дај Боже, како што имавме вчера случај во една детска градинка каде вработена, веројатно под психички стрес, повредила дете. За жал, вакви случаи ќе имаме веројатно уште многу, особено поради тоа што негувателките и воспитувачките се психички преоптоварени. Тоа не е од сега, туку години наназад“, рече Неделков.
Тој порача дека оваа тенденција на зголемување на деца во групите мора еднаш засекогаш да престане.
Тој рече дека Уставниот суд има добра основа да ја поништи оваа одлука и се надева дека ќе го стори тоа.
До кандидатите за градоначалници упати апел, да се зафатат и со прашањето околу градинките, а на Владата и порача, наместо ненаменски да ги користи парите, да ги вложи во инфраструктурата на градинките.

