Не може да бркаш некого, а притоа да очекуваш дека ќе остане да ти работи
Бобан Илијевски
За газдите коишто ја злоупотребија државната помош, се уште нема кривична одговорност од Јавното Обвинителство. Оттаму се поставува прашање, дали надлежните чекаат да се заборави ова? Според сето она што можеме да го видиме досега, мириса дека ќе да е така, но останува да видиме, со оглед на тоа дека во Македонија некои процеси, особено во правосудните и обвинителските органи знаат да траат подолго. Ова не е вака од пред пет, три или една година, туку веќе 30 години. Добро знаеме дека правосудниот систем во Македонија постојано потфрла.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска за телевизијата АлсатМ посочи дека УЈП е во постојана комуникација со Основното јавно обвинителство, поради тоа што истото постојано од нив бара дополнителни соодветни информации коишто се однесуваат на конкретните компании што ја злоупотребија државната помош. Таа истакна дека ова се случува, поради тоа што станува збор за обемен процес за поголем број на компании, за кои ќе треба подолго време за да се постапи од страна на ОЈО.
Од друга страна, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, на 7- октомври, Светскиот ден за пристојна работа, излезе со соопштение, во кое помеѓу другото истакна:
„Мораме да напоменеме и дека во изминатава година Владата делеше субвенции за плати на работниците, каде што голем број работодавачи не ги исплатија, всушност направија злоупотреба, а голем број работници останаа без ниту еден денар да поминуваат низ трагедијата на оваа пандемија. Многу невладини организации, но и синдикати поднесоа претставки до надлежните институции да се санкционираат таквите работодавачи, а парите да стигнуваат директно на сметките на работниците, но се случи токму спротивното, истите работодавачи добија повторно субвенции за исплата на плати и повторно истите не ги исплатија на работниците, а сиромашниот работник повторно остана незаштитен од институциите на системот “, посочија од КСС.
Од изјавата на КСС може да се види дека тие тврдат дека работодавачите коишто не ја исплаќале државната помош, повторно добивале државна помош, додека работниците биле оставени да се снаоѓаат за да преживеат.
Владата треба добро да се запраша дали е потребно да направи некои сериозни промени во политиките кои се однесуваат на работниците и работодавачите и во иднина да постапува по барањата на синдикатите. Некои од нив убаво рекоа, парите да се префрлаат директно на сметките на работниците.
После сите овие работи коишто се случуваат, оние коишто ги злоупотребуваат работничките права, немаат никакво право да се жалат на недостигот од работниците. Тие не ни заслужуваат да имаат работници. Знаете, не можете некого да го бркате, а притоа да очекувате да остане и да работи во вашата компанија. Тоа е апсурдно.
Газдите кои во секоја прилика ги прекршуваат и злоупотребуваат работничките права се една голема сенка која виси над РАБОТОДАВАЧИТЕ, кои работат согласно сите законски прописи, но имаат голем морал и поседуваат етички принципи.
Би сакал да порачам дека работниците треба да покажат дека ги вреднуваат сите оние бенефити кои им ги пружаат работодавачите, со тоа што ќе си ги извршуваат работните задачи и ќе ги почитуваат своите менаџери.

