Нова фабрика во „Бунарџик“ – турскиот „Џгатај Кабло“ ќе вработи уште 200 луѓе
6 милиони евра за нов објект од 10 илјади квадратни метри во кој ќе се вработат уште 200 луѓе. Турската компанија Џгатај Кабло ги проширува постоечките капацитети во индустриската зона Бунарџик. Новата фабрика ќе биде двојно поголема од постоечката. Инвестицијата беше потврдена во Истанбул на средбата со претседателот на управниот одбор, Ахмет Шемшетин Короглу, и директорот на ДТИРЗ, Гоце Димовски.
„Оваа инвестиција, што беше најавена во јули минатата година, е доказ за довербата на странските инвеститори во стабилната економска клима и поддршката што ја нуди државата“ велат од Дирекцијата за технолошки инвестиции и развојни зони.
Џагатај Кабло произведува жици и кабли за автомобилската индустрија. Тие ги снабдуваат водечките производители на автобуси, трактори, градежни машини, камиони, комерцијални возила, климатизери, машини за чистење и специјални аеродромски возила.
Вложувањето на турскиот производител следи откако и други странски инвеститори најавија нови капацитети или проширување на постоечките. Меѓу нив се американски „Алкараз“, турски „Казанџи холдинг“, француски „Акуо“.
Минатиот месец во штипската зона започна со работа канадска „Магна“, фабрика која ќе вработи до 500 луѓе кои ќе произведуваат електронски компоненти за автомобилската индустрија.
Според последните податоци на Народната Банка минатата година завршила со рекордно нивно на странски инвестиции од 1 милијарда и 250 милиони евра. Последниот квартал бил најдобар кога вложувањата достигнале 400 милиони евра.
Извор: Алфа

