Пандемијата не е пречка за спроведување на иницијативите за вработување на млади
МАКЕДОНСКА МЕРА- MACEDONIKUM ADMODUM
Тема: Пандемијата не е пречка за спроведување на иницијативите за вработување на млади
Иницијативата за вработување на млади (YEI) е еден од главните финансиски ресурси на ЕУ за поддршка на спроведувањето на гаранциите за млади до 2023 година. ЕУ ја започна во 2012 година за да обезбеди поддршка на младите луѓе кои живеат во региони каде што невработеноста кај младите беше поголема од 25%.
Во рамки на ЕУ, земјите членки во периодот 2021-2023 година, можат да ги зголемат своите ресурси за спроведување на Иницијативата за вработување на млади, како и средствата кои им се достапни за оваа намена од Европскиот социјален фонд за да им помогнат на младите луѓе кои се погодени од кризата предизвикана од Ковид-19. Иницијативата за вработување на млади исклучиво ги поддржува младите луѓе кои не се во процесот на образование, вработување или пак обука, вклучително и долгорочно невработени или оние кои не се регистрирани како баратели на работа. Оваа иницијатива овозможува во оние делови од Европа каде предизвиците за младите се најакутни, да можат да добијат соодветна поддршка. Карактеристично е што преку оваа иницијатива се финансира обезбедување на практиканство, стажирање како и работно место или пак понатамошно образование кое е потребно за преквалификација.
Македонија е првата земја која усвои Гаранција за млади од земјите кои не се членки на Унијата. Меѓутоа, според истражувања и анкети спроведени од неколку граѓански организации, истата не се реализира успешно поради повеќе причини, меѓу кои клучна е ниското ниво на информираност на младите за постоењето на самата гаранција, потоа недовербата на младите во објективното спроведување, неинформираноста на родителите за да ги поддржат практично младите да ги искористат можностите кои ги нуди Гаранцијата, неажурноста на локалните самоуправи во процесот на информирање и мобилизирање на младите потенцијални корисници и слично.
Од многу искуства на „препишување“ од ЕУ или поединечни земји кои ги сметаме за успешни примери во дадена област научивме дека таквите готови мерки, секогаш не одговараат на македонските потреби, зашто не се изготвени според МАКЕДОНСКА МЕРА. Гаранцијата за млади конкретно сметам дека е одлична основа за поддршка на македонските млади кои не се во образование, вработување или обука, но мерките кои самата ги содржи и начинот на информирање на младите за да сфатат дека имаат интерес да ги искористат треба да се приспособат на МАКЕДОНСКИТЕ ПОТРЕБИ.
Проф. д-р Лазар Јовевски

