Пензионерскиот синдикат по повод Денот на пензионерите: Да се усогласеше со сегашната просечна плата, просечната пензија ќе беше 19.600 денари
Пензионерскиот синдикат на Македонија при КСС им го честита Денот на пензионерите (20 септември) на сите пензионери, им посакува добро здравје, пријатен пензионерски живот и многу успеси.
Баравме да се смени членот 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Истиот беше сменет, но со задоцнување од неколку години. Она што исто така го бара ПСМ е пензијата да биде 60 % во однос на просечната плата. Моменталната просечна пензија е 16,300, доколку пензиите се усогласија согласно моменталната просечна плата, просечната пензија сега ќе изнесуваше 19,600 денари.
Моменталната ситуација е така поставена што пензионерите ги прави да бидат лица од ранлива категорија на граѓани, коишто се принудени да „врзуваат крај со крај“ за да го преживеат месецот. Македонија се прокламира како социјална држава, па поради тоа на државата ѝ е обврска да се грижи за своите граѓани, во овој случај, пензионерите.
Потребно е и државата да го започне социјалниот дијалог со Пензионерскиот синдикат на Македонија, за да можеме заеднички да даваме и наоѓаме решенија за подобрување на животот на пензионерите коишто долги години придонесувале за државата како работници.

