Петрески: Креирањето на нови работни места да биде во главен фокус
Корона кризата се уште не демнее, се повеќе оштетувајќи ги светските економии, меѓу кои и нашата. На пазарот на трудот е ставен особен акцент, поради тоа што пандемијата со Ковид – 19 предизвика значајни турбуленции во истиот.
Последните податоци покажуваат дека над 50,000 луѓе од почетокот на кризата до денес се без работа, како и дека во последните шест месеци пропаднале 5,000 компании. Што би требало да се направи за да се надомести ова, е едно од прашањата на коишто во ексклузивното интервју за порталот Работник, одговара Универзитетскиот професор по економија на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје, Марјан Петрески.
Со него зборуваме и за тоа какви последици предизвика корона кризата врз пазарот на трудот, од економски аспект, како и за тоа какви политики се потребни за да се креираат нови работни места.
Работник: Според последните податоци, над 50,000 луѓе се без работа од почетокот на кризата, а 5,000 компании пропаднале во последните шест месеци. Како според Вас ова може да се надомести? Што треба да се направи?
Петрески: Според последните податоци за вториот квартал од 2021, бројот на изгубени работни места по почнувањето на пандемијата е околу 15.000, и тоа не е бројка за потценување. Во поглед на бројот на фирми, мојата последна бројка е само за 2020, во која се изгубени околу 3.000 фирми (нето). Дури и овие бројки да не изгледаат фрапантни, сепак економските загуби од пандемијата се големи: во смисла на бруто домашниот производ, во 2020 беа изгубени над 400 милиони евра, што е отприлика големината на еден просечен буџетски дефицит на нашата земја. Оттука, и закрепнувањето ќе биде побавно од она што првично се очекуваше. Доколку го постигнеме колективниот имунитет и доколку овој четврт бран од пандемијата биде последен, тогаш состојбите ќе се нормализираат во првата половина од 2022. Оваа констатација е особено битно да се согледа низ призмата на тоа дека во пандемијата, фундаментите на економијата сепак останаа релативно стабилни и очекувам дека тие ќе ја извршат својата улога во овозможување задоволително темпо на заздравувањето. Но, неизвесноста е сеуште на сцена. Клучно е политиките да бидат фокусирани на овозможување структурна поддршка на закрепнувањето; значи, тука веќе не зборуваме дека владата треба да носи нови пакети социјални мерки, туку да стави исклучив фокус врз поддршка за креирање нова додадена вредност и нови работни места. Некои мерки во последниот пакет беа во таа насока, меѓутоа клучна останува ефективноста на имплементацијата.
Работник: Од економска гледна точка, какви последици остави пандемијата со Ковид – 19 врз пазарот на трудот во Македонија?
Петрески: Често се јавува дилема во јавноста – па, како тоа невработеноста се намалуваше и во текот на пандемијата. Тоа е затоа што голем број активни лица (и вработени кои губеле работа и невработени) се обесхрабрија и се пасивизираа, така што не влегуваа во пресметката на стапката на невработеност. Значи, главниот проблем на пазарот на труд беше пасивизацијата, односно лицата кои престанаа да бараат работа затоа што не веруваа дека ќе најдат сред пандемија. Сега, во вториот квартал има благи знаци на подобрување на вработеноста и на активацијата, но клучно е тие трендови да продолжат, бидејќи веќе во третиот квартал имаме четврт бран од пандемијата. Гледано според дејности, нема креирање нови работни места во најпогодените: индустријата, транспортот, хотелите и рестораните, иако тие имаа раст на својот бруто производ во вториот квартал. Тоа е рефлексија на закреппнување во услови на сеуште постоечка неизвесност за блиската иднина, и мислам дека така ќе остане во текот на целата 2021.
Би истакнал уште еден интересен аспект на пазарот на трудот, а тоа е порастот на платите сред пандемија. Тоа се случи како комбиниран ефект од повеќе текови; прво, работните места коишто се изгубија беа претежно нископлатени, па нивното отсуство во дистрибуцијата на платите математички го подига просекот; второ, пред почетокот на кризата, владата додели субвенции за придонесите за пораст на платите во рангот од 600 до 6000 денари со важност во период од три години; на крајот од 2019 имаше значаен пораст на минималната плата, што како годишен ефект се гледаше низ целата 2020; и секако, позитивните остварувања кај одредни дејности сред пандемија, како финансии и ИТ.
Значи, сумарно, иако пазарот на труд сеуште функционира во услови на неизвесност, истиот не помина толку лошо низ пандемијата. Меѓутоа, не треба да заборавиме дека субвенционирањето на придонесите што го спомнав е една од поскапите субвенции воопшто, и второ, пакетите анти-ковид мерки беа овозможени со нов долг од околу 10 процентни поени од БДП, што, иако во случајов оправдан, е многу висок износ.
Работник: Државата досега даде шест пакет мерки за поддршка на стопанството. Од Владата најавија дека седми пакет мерки не е во план, но што мислите Вие? Дали ќе бидат потребни мерки коишто ќе им помогнат на погодените сектори да можат да закрепнат или барем ќе им дадат подлога за закрепнување?
Петрески: Нема дилема дека најпогодените сектори, посебно угостителството, беа одржани во живот благодарение на владините мерки, првенствено за поддршка на работните места, а секако и пакетите кредити овозможени преку Развојната банка. Меѓутоа, фазата во којашто се наоѓаме сега е фаза во која наметнатите ограничувања се скоро целосно на страната на побарувачката, односно тие ограничувања се условени од имањето вакцинален сертификат. Претходно реакцијата на ограничувањата беше неодење во ресторан или кафана, но сега реакцијата треба да биде вакцинирање како форма на јавно добро. Прашањето е што кога бихевиоралниот одговор на потрошувачите е одбивање вакцинирање од која било причина, и дали за тоа товарот треба да го сносат даночните обврзници. Јас тежнеам негативно да одговорам на ова прашање и сметам дека засегнатите дејности, но и сите други малопродажни дејности, во моментот треба на добра волја да придонесат кон притисокот да се постигне колективен имунитет што побрзо, по што ќе може и да надоместат од своите загуби.
Работник: Неодамна слушнавме две ветувања во однос на зголемување на просечната плата. Едното беше на 750 евра, а другото на 800 евра. Постои ли простор да пораснат платите на наведените суми, притоа растот да не биде по вештачки пат?
Петрески: Простор секако постои, но прашањето е во кој временски рок. Во временски рок од еден политички мандат, мислам дека многу тешко, меѓутоа и таквите ветувања ги гледам само низ политичка а не и низ економска призма. Платата може одржливо да расте само со пораст на продуктивноста, значи вештините и напорот на работниците, нова технологија во фирмите и знаењето за користење на таа технологија. Таков раст ќе биде побрз во услови на затегнат пазар на труд, значи пазар на кој невработеноста е ниска, и на кој работниците имаат силна преговарачка моќ. Значи, за да си ги зголемиме платите треба и како општество и како индивидуи да работиме напорно во оваа насока, наместо да чекаме некој да не` награди без особено вложен труд, на пример преку некаква субевнција на плата или преку подигање на минималната плата. Последниве некогаш се корисни, но само како краткорочни решенија кои треба да исправат некакви дисторзии на пазарот на труд.
Работник: Какви политики според Вас се потребни за да се креираат повеќе работни места?
Петрески: Секоја политика која поддржува креирање нова додадена вредност во економијата е одржлива политика за креирање работни места. Ние сме мала економија, која нема особени природни и финансиски ресурси, не може особено да се натпреварува со технологија, па останува во креирањето на нова вредност да ги искористиме нашите мозоци. За тоа ни треба добар образовен систем, систем кој поддржува таленти, иноватори, и воопшто институционален поредок кој гарантира владеење на правото. Со таков сетинг, ќе креираме нова вредност главно ако успееме на светот да му продадеме нешто скапо, значи производ кој е со голема додадена вредност. Така ќе креираме нови места со добри примања. Еднаш заглавивме во дебати за прераспределба на вредноста која сега ја создаваме (преку системот на даноци), што концептуално мислам дека е промашена дебата, бидејќи таа вредност не е доволно голема, па примарната дебата е како да ја зголемиме, а откако ќе биде доволно голема, тек тогаш ќе биде корисно и да разговараме за начинот на нејзината секундарна прераспределба.
Фото: Фејсбук


