Помалку бирократија во енергетскиот сектор и реструктуирање на земјоделските субвенции, порача Јаневски
Храната и енергијата треба да бидат првите области на кои ќе се фокусираме, а намалувањето на увозната зависност и инвестирањето во самоодржливоста е најважниот аспект од домашната економија на кој треба да работиме, порача извршниот директор на Бизнис-клубот на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, Свето Јаневски.
Јаневски потенцира дека не треба да бидеме само брзи туку и храбри во реформите, зашто „само просперитетните економии може да гарантираат безбедност и стабилност“.
Осврнувајќи се посебно на енергетиката, тој рече дека треба да се редизајнира сегашниот закон, но и да се намалат бирократските процедури. Во однос на земјоделството, пак, укажа дека е неопходно да се реструктуираат субвенциите и да се овозможат меки кредити и државни гаранции за компаниите кои се подготвени да инвестираат и да го трансформираат секторот.
Додека гледаме кон иднината, подвлече Јаневски, мора да инвестираме во капацитетите денес.
– Главниот краткорочен приоритет треба да биде спроведување економски политики насочени кон подигање на стандардот и обезбедување можност за младите. Мораме брзо да обезбедиме енергетска независност, да го редизајнираме сегашниот закон, да ги намалиме бирократските практики и да им овозможиме на сите заинтересирани да инвестираат во обновливи извори. Иако традиционално сме земјоделска земја со идеални услови за производство на храна, годишно бележиме трговски дефицит од преку 300 милиони. Годинава ќе биде уште повеќе. Увозот на храна беше околу 700 милиони, но годинава очекуваме да биде една милијарда. Иако се субвенционираат милионски суми, реструктуирањето на владините субвенции мора да биде највисок приоритет, заедно со овозможувањето меки кредити и државни гаранции на компаниите кои се подготвени да инвестираат и да го трансформираат земјоделството. Треба да дејствуваме сега – нагласи извршниот директор на Бизнис-клубот на Евроатлантскиот совет.
Клучно е, дополни, да се овозможи отворен дијалог за приоритетите на државата, да се направи план во кој сите ќе веруваат и кој ќе се реализира за да се трансформира и зачува земјата, а нашата најважна битка треба да биде против емиграцијата. Тој додава дека ако не се направат суштински реформи, државата ќе остане пуста, а потврда за тоа е и последниот попис.

