Понекогаш е доволно тоа што го работите да биде производ на вашиот најголем сон
Во писанието коешто следува нема да читате за податоци и бројки или теми на кои досега пишував – ќе прочитате за тоа колку е важна смислата на тоа што го работите.
Уште од деца не учат дека кога ќе пораснеме треба да најдеме работа која ќе биде добро платена. Се согласувам. Но што ако работата е добро платена а не не исполнува? Што ако секојдневно доаѓаме без желба, а заминуваме прегорени?
Верувам дека многумина ја одбираат работата затоа што им дава некаква смисла во животот. Не смееме да заборавиме дека кариерата го зазема поголемиот дел од нашиот живот, па затоа и важно е да ја одбереме таа што навистина нѐ исполнува.
И не, тука не зборувам за детските соништа – како астронаут, холивудска ѕвезда или рок ѕвезда (иако и тие се достижни), туку за нешто за што сме развиле интерес со текот на времето.
На пример, мене отсекогаш ми беше пасија да раскажувам приказни. Се сеќавам дека како дете тоа го правев со оние човечињата што изгледаат како стапичња (не умеев да цртам убаво), за потоа да преминам на пишување на кратки приказни, а подоцна и раскажување преку обиди за фимски сценарија. Ова со филмските сценарија се случи кога имав 13 години.
Тогаш за првпат ми се појави желбата да бидам филмски режисер. И тоа холивудски.
Велат дека децата ја имаат најбујната фантазија. Некои замислуваат дека се Каубојци и Индијанци, други пак дека летаат во вселенска ракета. Мојата фантазија вклучуваше преттворање на собата во замислен филмски сет и режирање на филм.
Се сеќавам дека тогаш поминував часови во читање на блогови и статии за тоа како да се режира филм и да се напише сценарио. А гледав и доста документарци за тоа како се снимаат филмови.
Да не должам многу. Со текот на годините тој сон го прераснав, но никогаш не го изгубив поривот да раскажувам приказни, па затоа продолжив да пишувам. Ова што денеска го работам е и тоа како производ на мојот сон, бидејќи имам можност да раскажувам вистински човечки приказни и да споделувам искуства.
Ова накратко е мојот пат до пронаоѓањето на работа којашто има смисла и која ми овозможи да го исполнам мојот сон. Се надевам дека моево писание, барем ќе ве натера да се запрашате дали гледате смисла во тоа што го работите или тоа што сакате допрва да го работите.

