Вести

ПОСТАВЕТЕ ГИ ОВИЕ ПРАШАЊА ПОСЛЕ ДОБИЕНИОТ ОТКАЗ – СОВЕТИ НА КАТЕРИНА ЗЛАТАНОВСКА – ПОПОВА

Добивањето отказ знае да биде, во најмала рака, непријатно искуство со кое може да се соочи еден човек. Вчера имавте прилика да прочитате совети од страна на професионалец од областа на човечките ресурси на оваа тема, а денеска ви носиме совети од професионалец од областа на кариерното советување.

Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини, во изјава за порталот Работник на прашањето „Што после отказ од работа?“, одговорот го започна со една поговорка која вели дека често ја повторува и која гласи: „Кога една врата ќе се затвори, друга врата се отвора“.

Добивањето на отказ е голем стрес, вели, па поради тоа предизвикува силна емоционална реакција.

„На почетокот, луѓето најчесто се соочуваат со неверување и неприфаќање, за потоа да преминат во фаза на страв, разочараност, збунетост и слично“, посочи Златановска – Попова. „Сите овие состојби се дел од процесот на ‘зацелување’, потребата да ‘преболиме’, и се комплетно разбирливи и вообичаени“.

Таа ги советува сите кои се соочуваат со ова да се потрудат што побрзо да го остават во минатото (да ги остават затворените врати зад себе) и да се фокусираат на новите можности – новите врати на кои би можеле да затропаат и да ги отворат.

Златановска – Попова порачува дека добро е сите оние кои ќе бараат нови насоки после отказот, да си ги постават следните прашања:

  • Што знам да правам?
  • Во што сум добар/а?
  • Кои вештини ги поседувам?
  • Што ме прави среќен/а?
  • Што е тоа што јас го умеам, а им треба на другите, на заедницата, на компаниите?
  • Што ме мотивира?
  • Каква работна позиција си посакувам и дали за неа е потребно да научам некоја нова вештина или занает
  • Колку време и евентуално пари ќе треба да инвестирам за доедукација?

„Себе откривањето е клучниот дел во кариерното советување и ова се само дел од прашањата во рамки на процесот преку кој на клиентот му овозможуваме да ги препознае своите вредности, квалитети и знаења кои ќе му послужат при разгледување на огласите и аплицирањето за нова работа“, рече таа.

Заврши со една јапонска мудрост која вели: „Падни седум пати, исправи се осум пати“.  

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk