ЕкономијаМакедонијаНовости

По повод 100 годишнина на Стопанската комора доделена благодарница на највозрасниот активен член Коле Ангеловски

   Време за читање 4 минути

Потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска јавно му се заблагодари на господинот Коле Ангеловски, главен извршен директор на Илино Промет Скопје за долгогодишното членство и поддршка која на Комората ја пружаат години наназад. Посебно за подвлекување е тоа што господинот Коле Ангеловски иако е највозрасниот коморски активен член со своите 90 години старост, се уште е активен во компанијата и своето искуство, знаење и вештини на водење на бизнисот секојдневно го пренесува на своите најблиски соработници. Праксата која ја има во својот 74 годишен работен стаж е непроценлива. Роден во с. Крушје, Ресенско, фирмата во 1991 година ја именува Илино промет по соседното место до неговото родно село, Илино, кое се наоѓа под преубавата планина Галичица. И ден денес ги одржува сите бизнис релации со партнерите и постојано е на релација С. Македонија-Србија-Хрватска и земјите од регионот.

На средбата на која присуствуваше и раководниот тим на компанијата стана збор за почетоците на компанијата која работи уште од осамостојувањето на нашата држава и за сите падови и подеми на компанијата наспроти предизвиците со кои се соочува црната и обоена металургија.Просториите на фирмата Илино Промет Скопје се наоѓаат во кругот на “Железара”

Илино Промет ДОО е приватна компанија која е основана во Скопје во 1991 година со основна дејност-трговија со црна и обоена металургија. Фирмата е активна членка на Стопанската комора на С. Македонија и е една од топ 100 извозни компании од РСМ. 30-тина години постојано ги користат услугите за издавање на извозни документи од Стопанската комора бидејќи главно своите производи ги пласираат на европските  пазари. Со производи снабдува фирми за бродоградителската индустрија од Србија, Босна, Хрватска и Холандија….

Во 2007 година се проширува со подружница Илино Промет Кавадарци со дејност во дрвната индустрија.Во својата пилана која се наоѓа во Кавадарци на ул. Западен булевар изработува трупци, палети, паркет и др. производи од резана граѓа. Најголем дел од своите производи – трупците ги извезува. Во еден период најчесто извезуваше во Оман каде имаше сигурен партнер.

На средбата се дискутираше за повеќе области меѓу кои за потребата и недостатокот од квалификувани стручни кадри според потребите на стопанството, за проблемите околу дозволите за вон-габаритен превоз, големите такси кои црната и обоена металургија ги има и кои како Здружение при комората прави напори за надминување на истите преку постојаната соработка со надлежните државни институции, пофалбата до Владата за навременото враќање на ДДВ, како и бенефитите од одличната соработка посебно во времето на пандемијата со ковид-19 со Управата за јавни приходи, соработката со Царината и успехот со концептот на домашно царинење, како и поддршката и соработката со Македонски шуми во делот на нивната компанија од дрвната индустрија.

Главниот извршен директор, господинот Коле Ангеловски ја истакна важноста од поддршката на банките кои во услови на зголемени инвестиции и извоз ги пратат и поддржуваат компаниите и ја подвлече исклучително добрата соработка и поддршката од домашните компании како што е “Макстил” Скопје кој им е главен поддржувач во реализација на извозните ангажмани за изградба на мостови и др. во Германија, Холандија и сл. и нивната поддршка при испораката на челични производи. Ангеловски додаде дека многу е важна поврзаноста со домашните компании и свртувањето едни кон други посебно во овие услови на работење испреплетени со предизвици предизвикани дополнително и од воените дејствија во Украина.

Господинот Коле Ангеловски упати јавна честитка до Стопанската комора на Северна Македонија, до нејзините вработени и до сите останати членови по повод големиот јубилеј на Комората-100 години. Тој порача дека само заедништвото и синергијата, поддршката од сите инволвирани страни и институции и напорната работа се формулата за успех посебно во овие времиња на работење исполнети со предизвици и непредвидливост.