Uncategorised

Прваче, ти за во Германија ќе плачеш

Автор: Бобан М. Илијевски

Вчера беше првиот ден од учебната година, ден кога првачињата го започнуваат својот образовен процес.

Од овој први септември, па се до последниот јуни од нивното образование, овие деца ќе учат, стекнуваат социјални вештини и ќе се подготвуваат за да станат дел од пазарот на труд. Само прашањето е дали тоа ќе биде германскиот, американскиот, британскиот, холандскиот или некој друг западноевропски пазар на труд. Оти не верувам дека овие деца, особено оние кои поседуваат талент или кои ќе се стекнат со квалификации кои можат да ги искешираат, ќе сакаат да станат дел од македонскиот пазар на труд. Ниту верувам дека ќе сакаат да бидат дел од јавниот сектор, бидејќи ни таму нема да им се допадне ситуацијата.

–Аудио верзијата слушнете ја подолу–

Во текот на вчерашниот ден прочитав еден куп Фејсбук статуси кои и се причината за ова мое писание. Многу луѓе напишаа дека нашиот образовен систем, таков каков што е, ги подготвува децата да заминат во Германија и да придонесуваат за напредувањето на нејзината економија, оти факт е дека покрај компаниите, и работниците во голем дел придонесуваат во полнењето на буџетот на една држава.

Сепак, нашите политичари не се загрижени од прогнозата дека нашите првачиња има големи шанси да станат дел од работната сила на некоја западна држава. Тие размислуваат само како да протераат додека се на власт, како што правеа и тие пред нив. Никој од нив не го интересира каква би била ситуацијата за 10 години. Да ги интересираше, досега ќе започнеа да се планираат долгорочни цели и да се креираат политики кои ќе помогнат во исполнувањето на тие цели.

Ми создава горчина во желудникот фактот дека нашите најмлади, кога ќе пораснат ќе заминат да се развиваат, живеат и работат во други земји, а притоа никој ништо не презема за да го спречи тоа. Наместо да се грижат за прашања кои се едни од најважните кога се работи за битисувањето на граѓаните на Македонија, тие нѐ делат по различни основи.

 [ai_playlist id=”284159″]

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.