Преку лесно достапни локални е-услуги до брза и квалитетна реформа на јавната администрација во општините
Само 4,5% од населението во руралните средини се информира за работењето на општините преку нивните веб страни што упатува на фактот дека електронските алатки за комуникација со општините речиси и да не се користат. Одењето на шалтер директно во институцијата е сеуште најкористен начин за комуникација со локалната администрација и добивање на услугите за дури 48% од населението во руралните средини.
Од друга страна пак, дури 56,8% сметаат дека електронското издавање на локалните услуги ќе го намали времето на чекање за добивање на услугите, ќе се зголеми ефикасноста на администрацијата, но и ќе се овозможи еднаков пристап на сите граѓани до услугите. Она што ги спречува во користењето на е-услугите се недоволно информации за достапноста на електронските услуги, недоволно развиени дигитални вештини и познавања на дигиталните алатки за комуникација со општините, отсуство на упатства чекор-по-чекор за добивање на услугите, но и недоволна сигурност во електронското издавање на документи. Сметаат дека отворањето на инфо точка во секоја од општините за е-услуги многу ќе го олесни преминот од шалтер кон електронско издавање на услугите.
“Исто така локалните е-услуги ќе овозможат еднаков пристап на сите граѓани до сите услуги кои што ги издаваат општините и локалните институции, а при тоа да не мора да се користат телефонски јавувања, познаници или роднини за да се интервенира за побрзо да се добие услугата. Времето на чекање за добивање на услугите исто така ќе се намали, а и трошоците кои што ги имаат граѓаните особено од руралните средини ако за една услуга треба по неколку пати да се обраќаат до институцијата. Поради стравот, недоволното познавање на електронското аплицирање за услуги, но и немањето на доволно дигитални вештини дури и за време на Ковид панедмијата само 12% од граѓаните во руралните средини користење е-услуги. Токму затоа е потребно електронското аплицирање и издавање на услугите треба да биде едноставно, лесно и разбирливо за секој граѓанин со прецизни упатства “чекор по чекор“ како да се добие услугата. Тоа е единствениот начин како да дојдеме до квалитетни локални е-услуги, но и квалитетна и брза реформа на јавната администрација на локалнот нив ниво“, изјави Лилјана Јоноски, како извршна директорка на Рурална Коалиција.
Руралните општини се соочуваат со бројни предизвици во процесите на дигитализација на услугите. Немаме соодветна информатичка технологија и структура, за жал се соочуваме со недостиг од професионални кадри, информатичари кои што поради систематизацијата на работните места и не доаѓаат да работат за пониски примања од оние кои што се реални во секторот, а од друга страна и на локалното население му е потребна поддршка за користење на е-услугите која што исто така во голема мера треба да ја обезбеди општината за да имаме зголемено користење на ваквите услуги. Во моментов општината издава електронски потврди за платени даноци, дел од режиските трошоци исто така може да се плаќаат по електронски пат, но за посериозни вложувања во процесите на дигитализација и зголемување на бројот на е-услуги потребни се и сериозни инвестиции во целата инфраструктура на општината, порача Николче Папучкоски, раководител на одделението за локалене економски развој и партнерство во општина Кривогаштани.
Благоја Наумоски, пак, како земјоделец од Кадино Село, во општина Кривогаштани ја истакна добрата соработка која што ја имаат со општината, но и дека како млад земјоделец ја поддржува дигитализацијата на локалните услуги, но при тоа напомена дека добивањето на самата услуга треба да биде достапно и на мобилните телефони и сето тоа да биде лесно и едноставно, но и разбирливо за земјоделците затоа што тие често пати не се сигурни во своите дигитални вештини и многу често се случува да згрешат со што автоматски го одбиваат овој начин на добивање на услугите посебно кај пријавувањето за субвенции каде што една грешка може да ги чини многу. Исто така останатите земјоделци истакнаа дека е потребно да има локална поддршка особено од младите во руралните средини кои што ќе ги вршат ваквите услуги и за повозрасното население, а секако и во соработка со општината, па така и дел од младите ќе си го најдат својот ангажман тука во своето место на живеење и нема да заминат во градот или пак надвор од државата.
Ваквите резултати и заклучоци се дел и од 9-месечниот засилен мониторинг и работа на терен со локалното население и општините Кривогаштани, Старо Нагоричане и Врапчиште, а во насока на унапредување на достапноста на квалитетни локални е-услуги кои што ќе ја олеснат секојдневната комуникација на граѓаните со општините, но и ќе овозможи активно вклучување на граѓаните во процесите на креирање на е-услугите на начин кој што е прилагоден на нивните потреби, а воедно и лесно достапен и разбирлив за употреба.
Всушност тоа се и дел од препораките кои што произлегоа од спроведувањето на проектните активности во руралните општини, односно развој и унифицирање на достапните е-услуги согласно потребите на граѓаните, поддршка во процесите на децентрализација за изградба на ИКТ структура која што ќе овозможи целосна електронска достапност на потврди, решенија за платен данок, пријавување на локални проблеми, добивање на информации, што пак беше истакнато како најчесто барани и користени услуги од страна на населението. Зајакнување на свеста кај локалното население, зголемување на довербата во системот за електронското издавање на документите и безбедноста на интернет комуникацијата, како и зајакнување на дигиталните вештини и кај локалното население и кај локалната администрација во општините, зголемување на достапните информации поврзани со процесите на дигитализација на услугите се главните препораки кои што произлегоа од трите мониторинг извештаи кои што граѓаните ги изработија во трите општини Кривогаштани, Старо Нагоричане и Врапчиште, а кои што ќе треба да се реализираат во наредниот период како општините би фатиле чекор со националните процеси на дигитализација, реализацијата на Дигиталната агенда на државата и би овозможиле брз, ефикасен и квалитетен пристап на граѓаните кон локалните услуги.
Целиот извештај е достапен на следниот линк: https://rural.mk/wp-content/uploads/2021/10/E-services-report-final_RK.pdf
Проектот “Достапност на локалните е-услуги – чекор напред или чекор назад во реформата на јавната администрација“ е финансиран во рамките на проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од ЗБ за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 2.0 финансиран од страна на Европската Унија. Проектот WeBER 2.0 се спроведува од Центарот за европски политики – ЦЕП (Србија) како водечки партнер и партнерските организации: Институтот за демократија и медијација (Албанија), Иницијативата за надворешна политика (Босна и Херцеговина), Групата за правно-политички студии (Косово), Институтот Алтернатива (Црна Гора), Институтот за европска политика (EПИ) (Северна Македонија) и Центарот за европска политика (Белгија).

