Вести

Пријавете се за програмата за размена помеѓу региони со јаглен во Западен Балкан, Украина и ЕУ

Регионите со јаглен во Западен Балкан, Украина и ЕУ се поканети да учествуваат во програма за размена за да ја забрзаат праведната локална енергетска транзицијата. Програмата за размена претставува можност за регионите да започнат директни дијалози, еден-на-еден, да се поврзат со разновидни засегнати страни, да учат едни од други и да пренесуваат знаење.

Програмата за размена е дел од Иницијативата за региони со јаглен коишто се во транзиција во Западен Балкан и Украина. Иницијативата ја спроведува Европската комисија заедно со шест меѓународни партнери соработници: Светската банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Секретаријатот на Енергетската заедница, полскиот Национален фонд за заштита на животната средина и управување со водите, како и Колеџот на Европа во Натолин.

Повикот за апликанти кои сакаат да се приклучат на програмата за размена помеѓу колеги беше објавен на годишниот состанок на иницијативата на 24 јуни. Во програмата за размена се повикани да учествуваат регионите со јаглен во Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Украина и ЕУ. Регионите на ЕУ кои се поранешни региони со јаглен, или кои се водечки актери во соодветните области (на пр. технологија за обновлива енергија, паметна специјализација) се исто така добредојдени да се пријават.

Регионите учесници ќе се спаруваат во зависност од нивниот интерес и стручност, а потоа ќе се изберат релевантни теми за постепено укинување на јагленот и детално ќе се истражат. Ќе се даде приоритет на паровите кои се сочинети од еден регион со јаглен од Западен Балкан и Украина и еден од ЕУ. Меѓутоа, програмата е флексибилна и заснована на потреби.

Сите региони учесници ќе имаат придобивки од финансирани студиски посети, размена на знаења и стручна поддршка. Покрај прилагодената стручна поддршка, регионите ќе имаат пристап до совети од своите колеги, преку практични можности за учење и ќе добијат пристап до алатки и поддршка кои ќе им помогнат да ја оценат својата досегашна транзиција, како и да ги мапираат следните чекори.

Заинтересираните апликанти се поканети да аплицираат до 15 септември 2021 година. На веб-страницата на програмата се објавени информации за подобноста и процесот на аплицирање.

За повеќе информации контактирајте на exchangeWBUA@coalregions.eu