Просечната пензија во Македонија е 425 евра
Претседателот на Пензионерскиот синдикат на Македонија, дел од Конфедерацијата на слободни синдикати, Марјан Спасовски беше гостин на Радио Београд 1, каде што зборуваше за состојбата на пензиите во Македонија.
Спасовски посочи дека статусот на пензионерите во Македонија и Србија е до некаде идентичен, односно дека и во двете држави има пензионери кои примаат ниски пензии. Исто така, тој истакна дека голем е распонот помеѓу најниската и највисоката пензија.
„Во Македонија најниската пензија е околу 10,600 денари, односно просечната пензија е 18,000 (305 евра), додека просечната пензија исплатена во август оваа година изнесуваше 425 евра“, рече Спасовски.
Прашан за тоа со какви локални проблеми се соочуваат македонските пензионери, Спасовски рече дека една од работите кон која што синдикатот тежнее е да се подобри социо-економскиот статус на пензионерите. Тоа пред сѐ подразбира овозможување на пристап до здравство.
Спасовски рече дека синдикатот бара и воведување на систематски прегледи за пензионерите на секоја втора година, како и воведување на дневен престој за оние пензионери кои се самци и не можат самите да се грижат за себе.
„Во тој стан или простор, би имало лице кое би се грижело за тие пензионери, со што и би им се олеснило функционирањето во текот на денот“, рече Спасовски.
Спасовски се осврна и на тоа дека одредени лица не можат да го остварат правото на пензија бидејќи имаат имот на нивно име. Од друга страна, тие не се способни тој имот да го обработуваат за да имаат корист од него. Затоа од Пензионерскиот синдикат дале предлог на ниво на општина, на овие луѓе на им се овозможи право на пензија.
„Кај нас луѓето имаат право и на социјална пензија, но луѓето кои имаат имот, мораат прво да се откажат од него, за да го добијат правото на социјална пензија“, рече Спасовски.
Посочи дека првобитно идејата била социјалната пензија која изнесува 150 евра и воопшто не е доволна за преживување, да ја исплаќа ПИОМ, но потоа се одлучило таа да се исплаќа преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Целото интервју на следниот линк

