САДУ: СОНК е пример за истрајност и упорност во синдикалното делување
Синдикатот на администрацијата и државната управа – САДУ го поздравува успехот на СОНК кој што го постигна преку бескомпромисна борба во вид на штрајкови и преговори, која придонесе да се унапредат правата на вработените во детската заштита, основното и средното образование.
Борбата беше тешка, но вредеше. СОНК се избори за зголемување на платите од 15% кое ќе започне да се исплаќа со септемвриските плати, но и за дополнителни 3,4% кои ќе започнат со исплата од следната година. За поздравување е и постигнувањето на согласност да се потпишат нови колективни договори во детската заштита, основното и средното образование.
Во оваа борба СОНК и неговите членови беа под разни видови на притисоци од страна на надлежните, но нивното единство, истрајност и упорност, покажаа дека ништо не може да ги спречи во намерата да го добијат она што им го овозможуваат законите.
На членовите на СОНК им порачуваме да останат единствени и истрајни во секоја борба којашто следува понатаму.

