ЕкономијаМакедонија

СДСМ се фали, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за цената на струјата која граѓаните ќе ја плаќаат по Нова година

Од СДСМ денеска преку соопштение се пофалија дека струјата за дел од корисниците поевтинува, додека пак, од опозицијата обвинија дека граѓаните ќе се соочат со повисоки сметки по Нова година. 

„Енергетските мерки и политики на СДСМ, создаваат услови цената на електричната енергија да се намали. Цената на струјата за граѓаните во првиот блок од 1 јануари се намалува за 5,16 проценти“, соопшти СДСМ.

– Во вториот блок останува непроменета, во третиот блок има зголемување на цената од 2,88 проценти, а во четвртиот блок за 1,86 проценти. 80 отсто од потрошувачите во државата никогаш не влегуваат во третиот блок, дури и во зимските месеци остануваат во вториот блок. Откако се воведени блоковите, трет пат по ред се намалува цената на електричната енергија во првиот блок. Дополнително олеснување за домаќинствата е враќањето на дневната евтина тарифа на струјата, секој ден од 13 до 15 часот. Домаќинствата имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во неделите. Обезбедени се средства за продолжување на мерката за субвенционирање на цената на струјата за граѓаните и малите потрошувачи, велат од СДСМ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, со контра-аргументи: 

„Струјата поскапува со одлука на власта, повисоки сметки и до 400 денари. Корисниците од третиот блок за сметка која до сега ја плаќале 4.000 денари, сега ќе треба да платат 4.120 денари. Дополнително на тоа ако имаат куќа на село, викендица, стан или втора куќа ќе платат и до 250 денари за мрежарина, со тоа вкупното покачување ќе биде и до 400 денари“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

– Многу повеќе ќе плаќаат граѓаните кои се грејат на струја. Откако СДС е на власт струјата поскапи за 50%. Лага се тезите дека субвенционираат сметки. Со СДС струјата е поскапа. Доколку работеа изминативе 7 години можеа да направат нови енергетски капацитети, наместо тоа, штанцаа тендери во РЕК. Народот преку кредити ги плаќа пропустите на власта во енергетиката. Никогаш не било полошо. Важно е да ги поразиме!, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.