ЕкономијаСветот на работникот

Се повеќе се создаваат зелени работни места коишто се и многу подобро платени

Во јануари месеци оваа година, порталот Работник направи интервју со Претседателот на граѓанската организација Гоу Грин (Go Green) Антонио Јовановски кој истакна дека во извештај на Министерството за животна средина и просторно планирање се потврдило дека со мерките за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија ќе се создадат 6,500 зелени работни места до 2030 година. 

Бобан Илијевски

Креирањето на зелени работни места е еден од начините за да се заштити планетата Земја од понатамошно загадување. Тука се и климатските промени коишто се сериозна закана за човештвото. Бројни светски експерти надежта за спасување на Земјата ја гледаат токму во отворањето на повеќе зелени работни места. Истото мислење за ова, го имаат и граѓанските организации во Македонија коишто се од еколошката сфера. 

Во јануари месеци оваа година, порталот Работник направи интервју со Претседателот на граѓанската организација Гоу Грин (Go Green) Антонио Јовановски кој истакна дека во извештај на Министерството за животна средина и просторно планирање се потврдило дека со мерките за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија ќе се создадат 6,500 зелени работни места до 2030 година. 

„Тие се таканаречени зелени работни места и ние како здружение се залагаме за да се препознаат како приоритет и во економскиот развој и во образовниот систем. Зелените работни места се пристојни работни места кои придонесуваат за социјална еднаквост и зачувување, обновување и унапредување на животната средина и климата“, рече Јовановски во интервјуто за порталот Работник. 

Тој истакна дека поширока дефиниција за зелени работни места прифатила и работната група кој се формирала при Владата по иницијатива на Гоу Грин. Јовановски изрази верување дека економијата треба да почива на принципите на заштита на животната средина, ублажување на климатските промени, бидејќи, како што вели, не треба да се заборави дека „науката потврдила дека се наоѓаме на шестото масовно изумирање“, порачувајќи дека не можеме да го ставаме профитот и економскиот раст пред ова, заради тоа што на тој начин продолжуваме да ја „сечеме гранката на која седиме“.

Порталот Работник има намера да ја продлабочи темата со зелени работни места во Македонија, по што се надеваме дека ќе следуваат серија на текстови поврзани токму со истата. 

Повеќе за зелените работни места…

Во еден текст којшто го пронајдовме преку Гугл, објавен на веб страницата iberdrola.com стои дека транзицијата во декарбонизирана економија не е есенцијална само за справување со климатските промени, туку и за поттикнување на отворање на милиони работни места и раст на економијата. Зелената економија, како што се наведува во текстот, може да придонесе да се создадат работни места коишто нема да наштетуваат на животната средина или пак штетата ќе ја сведат на минимум. 

Според Извештајот на Обединетите Нации од 2019 година за јазот на емисиите од штетни гасови, глобалниот гас од стаклената градина треба да се намалува за 7,6 % на годишно ниво, помеѓу 2020 и 2030 година, за да се исполнат целите зацртани со Договорот од Париз и да се лимитира глобалното затоплување од 1,5 степени Целиузови или 2,7 степени годишно, на 2 степени Целзиусови. Во Извештајот се нагласува дека дури и да се исполнат целите од Договорот, температурите ќе се зголемат на 3,2 степени до крајот на векот, со што ќе се зголеми фреквенцијата и интензитетот на климатскиот феномен којшто ја уништува планетата во изминатите години. 

За да се подобри ситуацијата, човештовото мора да ја забрза транзицијата кон декрабонизирана економија која нема да наштетува на животната средина. Ваквата транзиција нема само потенцијал да ги спречи климатските промени, туку и да предизвика економски раст, но и да создаде голем број на работни места во различни сектори, нешто што се случува во последните неколку години во богатите и развиените економии. 

Исто така и „циркуларната економија“ која вклучува реупотреба, поправка или рециклирање, зголемување на одржливото производство и потрошувачка, ќе создаде зелени работни места. Како и редуцирањето на отпадот и циркуларната економија ќе заштеди енергија и ќе придонесе во превенцијата на непоправливата штета во однос на климата, биодиверзитетот и воздухот, загадувањето на земјата и водата предизвикано од експлоатација на ресурсите побрзо од што планетата може да ги обнови. 

Што се зелени работни места и како влијаат на економијата?

Според Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП), зелените работни места се дефинирани како „професии во агрикултурата, производството, истражувањето и развојот, администрацијата и во сервисните активности кои целат кон зачувување на одржливоста и враќањето на квалитетот на животната средина“. Со други зборови, зелените работни места имаат за цел да ја заштитат и промовираат животната средина и да ги спречат штетностите или да ги редуцираат на минимум. Според Меѓународната организација на трудот, овој вид на работни места ги:

  • зголемува ефикасната потрошувачка на енергијата и суровите материјали;
  • ограничува гасовите од стаклената градина;
  • намалува отпадот и загадувањето;
  •  заштитува и реобновува екосистемот;
  • придонесува кон адаптирање на климатските промени.

Уште еден бенифит од зелените работни места е нивниот ефект на глобалната економија. МОТ предупреди дека, доколку ништо не се промени, растот на вработеноста нема да биде доволен за да го задоволи растот на работната сила во државите чии економии се во развој. Но, „промените во производството и употребата на енергијата да се постигнат 2 степени Целзиусови може да креираат 18 милиони работни места во светската економија“, објаснува оваа организација во нејзиниот Извештај под наслов: „Вработеноста во светот и социјалните состојби“, од 2018 година. Овие промени кои се насочени кон целите од Договорот од Париз и генерирање на зелени работни места, ќе вклучат поголема употреба на енергијата од обновливи извори, ќе се зголеми произодството на електрични возила и ќе овозможи да се постигне енергетска ефикасност во градежниот сектор, односно во објектите коишто ги градат градежните компании. 

Растечки сектори со зелени работни места

Како последица на декарбонизацијата на економијата и развивањето на циркуларната економија, ќе бидат создадени професиите на иднината. Ова значи дека сегашните професии ќе се адаптираат на новата зелена реалност. Според експертите, овие се секторите коишто имаат најголем потенцијал да создадат зелени работни места:

Енергетски сектор

Според Меѓународната Агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), обновливите извори на енергија создале повеќе од 500,000 нови работни места во светот во 2017 година, што е за 5,3 % повеќе од 2016 година. Се проценува дека досега во овој сектор се отворени над 10 милиони работни места. Работните места кои бараат најмногу квалификации, како постар инженер за термосоларни централи, се најдборо платените во светот. 

Агрикултура

Според Институтот за истражување на Органска Агрикултура (ФиБЛ), пазарот на органската агрикултура постојано расте во светот, во многу случаи во двоцифрени бројки. Во САД, каде што е најголемиот пазар, продажбата на органската храна во 2017 година се зголемила за 6,4 %, достигнувајќи до 43,700 милиони евра. Во меѓувреме, во Европа растот бил 10,5 % или 37,300 милиони евра. 

Дизајн

Европските политики бараат зголемување на стапката на рециклажа и воспоставување на построги критериуми за екодизајн. Овој факт заедно со растот на свеста кај потрошувачите придонесе да се создаде „екодизајнот“ којшто опфаќа пакување, изградба на кровови и производство на многу други производи. Екодизајнот предизвика и раст на нови работни места. 

Туризам

Во општество, во кое главна грижа е здравјето на планетата, еколошкиот туризам или екотуризмот е растечки тренд. Овој сектор креира работни места поврзани со активности како дизајнирање на авантуристички искуства, создавање на високи патеки за велосипеди и откривање на заштитени подрачја, како и реобновување на руралните средни, како екоселата, коишто се во ризик од исчезнување. 

Транспорт

Овој сектор е одговорен за повеќе од 30 % емисии од јаглероден диоксид во Европската унија. 72 % од емисиите се од патниот транспорт. Многу држави веќе ги применија мерките за драстично намалување на емисиите од транспортот. ЕУ ќе ги намали за 60 %, во споредба со нивоата од 1990 година, до 2050 година, со што ќе се отворат работни можности во секторот на електрични возила, јавниот транспорт и електричните метроа.