МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Синдикатот го потсетува Министерството на барањето за еднократна помош од 15,000 денари

90% од младите коишто присуствувале на средбата во Охрид на 28 декмври 2020 година, во организација на Синдикатот за угостителство и туризам, потпишале пристапница за членување во синдикатот, вели за портал Работник, првиот човек на синдикатот Роберт Митровски.

„Ние бевме премногу изненадени од желбата за членување во синдикатот на младите до 30 години коишто се вработени во угостителско – туристичкиот сектор. Во приватниот сектор, воопшто, формирањето на синдикат е особено тешка мисија, но ние ќе останеме доследни и ќе се избориме до крај, бидејќи само преку членување синдикат можеме колективно да се избориме за подобри работнички права.

Фото: Pixbay

Митровски вели дека синдикалното здружување во угостителско – туристичкиот сектор е од голема важност за да можат да се унапредат работничките права на вработените во овој сектор.

Тој истакна дека тие ќе организираат бројни средби со работници од овој сектор низ сите градови во Македонија, со цел да им дадат можност на повеќе луѓе да членуваат во синдикатот. 

Митровски потсетува за барањето на синдикатот за доделување на еднократна финансиска помош од 15,000 денари за оние коишто останале без работа во ек на пандемијата во приватниот сектор, а се регистрирани во Агенцијата за вработување и му порачува на Министерството за економија да се охрабри и да ги повика претставниците на синдикатот на средба. 

Министерот за економија Крешник Бектеши, за време на една прес- конференција на крајот од минатата година рече дека во консултациите за изработка на петтиот пакет мерки ќе бидат вклучени и синдикатите од туристичко-угостителскиот сектор.

Бобан Илијевски