ЕкономијаМакедонијаНовости

СКСМ – НОСЕЊЕТО ЗАКОН ЗА ДОПОЛНИТЕЛЕН ДАНОК НА ДОБИВКА НА КРАЈОТ НА 2022 ГОДИНА, СОЗДАВА НЕСИГУРНОСТ КАЈ ПОСТОЈНИТЕ И ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

   Време за читање 3 минути

Во врска со искажаната намера за воведување на дополнителен данок на добивка за 2022 година и работниот текст на Предлогот на Закон за дополнителен данок на добивка Стопанската Комора на Северна Македонија на одржаните работни средби на оваа тема во Министерството за финансии ги изнесе своите забелешки, а истите до Министерството се испратени и во писмена форма.

Стопанската комора на Северна Македонија во однос на предложениот концепт има забелешки кои беа изнесени од претставниците на Комората на работните состаноци, а со цел преиспитување на предлог-концептот.

Имено, вонредниот данок на добивка кои во претходниот период беше воведен во други држави (таканаречен windfall tax) од владите во тие држави се наметнува со цел да се редистрибуираат дополнително остварените добивки на компаниите во конкретни дејности, односно да се обезбедат 2 дополнителни приходи од добивката на компаниите кои како резултат на нарушени односи на пазарот оствариле „екстра профит“, па со така прибраните средства да се финансираат заеднички добра.

Суштински важно е дека согласно предложениот концепт кај нас со вонредниот данок на дополнителна добивка за 2022 година ќе се оданочуваат сите компании, независно од дејноста која ја вршат и дали дополнителната добивка која ја оствариле компаниите се должи на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или се должи на раст на добивката на компаниите како резултат на нивното работење, односно како резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл. Така, со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените.

Во однос на проекциите за приходите од дополнителниот данок на добивка укажуваме дека ефектот кој се очекува од примената на истиот во смисла на обезбедување на дополнителни средства во државниот буџет за 2022 година може да изостане за делот на добивката на компаниите кои се корисници на државна помош, од причина што ќе се намали нивниот индивидуален износ на доделена државна помош, а фактички нема да се зголемат приходите во буџетот.

Исто така, Стопанската комора на Северна Македонија посочува дека донесувањето на Закон за дополнителен данок на добивка на крајот на фискалната 2022 година, претставува репутациски ризик за државата и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека соседните држави немаат воведено сличен данок.