Славески: Очекуваме инфлацијата да падне под 3%
Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, информира дека очекува трендот на намалување на стапката на инфлација да продолжи, односно во наредниот период да биде пониска од три отсто, а на среден рок да се вратиме на ниво од два процента.
Славески денеска на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање, напомена дека иако очекува да има намалување на инфлацијата, сепак тоа не зависи само од инструментите на Народната банка, туку и од фискалната политика, која што за сега е во рамките на стабилизирање на инфлацијата и задржување на надолниот тренд.
“Очекуваме и посакуваме во наредниот период, стапката на инфлација да биде пониска од три отсто, а на среден рок, да речеме во период од две години, да се вратиме на историските нивоа што ги имавме подолг период, односно стапката на инфлација, во рамките на инфлацијата што е присутна во еврозоната, да е од околу два проценти“, додаде Славески.
Државниот завод за статистика измери дека стапката на инфлација во август бележи месечна промена од минимални 0,2 проценти, а зголемувањето на годишно ниво е 4,4 проценти.

