Словенечка компанија, која има претставништво и во Македонија, вовела контроверзна стимулација за вработените
Вработените во компанијата LTH Castings од Шкофја Лока, словенечки град покрај Љубљана, се пожалиле дека „менаџментот на фирмата повлекол срамен потег и вовел парични награди за вработените кои не користат боледување.“
Интересно е што менаџментот во предлог правилникот предвидел стимулација и за оние кои не користат породилно и родителско отсуство, отсуство за придружба и нега, но по острата реакција на синдикатот одлучиле да го стимулираат само воздржувањето од боледување, наведува словенечкиот портал 24ur.
Овој вид на награда е морално, етички и професионално контроверзен, бидејќи болестите се продлабочуваат и стануваат хронични, предупредила Метода Додиќ Фикфак од Клиничкиот институт за медицина на труд, сообраќај и спорт, која е „сигурна дека заштитникот на граѓаните оваа одлука би ја прогласил за дискриминаторска.“
Правилникот е на важност од 1 јануари оваа година. Доколку вработените во период од четири до шест месеци нема да имаат ниту еден ден боледување, ќе добијат награда од 15 до 60 евра месечно, но доколку одат на боледување макар само еден ден – процесот на процена се „рестартира“ и започнува одново.
Новиот модел на наградување наишол на различни реакции во компанијата. Поединечни работници тврдат дека во оваа компанија, која има претставништва и во Љубљана, Хрватска и Македонија, сѐ почесто регистрира мобинг и понижување на работниците.
Менаџментот на LTH Castings објаснил дека е посветен на „промоција на здравјето и благосостојбата на вработените која вклучува и организација на активности внатре во компанијата.“
Пружаме редовни здравствени прегледи, стимулираме спортски активности, едуцираме за здравствената заштита, обезбедуваме вакцини против грипот и Ковид – 19 итн. Пред сѐ, сакаме да ја подигнеме свеста и да ги зајакнеме нашите вработени за да можат да направат најмногу за своето здравје, наведуваат од таму и додаваат:
Новиот модел на наградување го направивме заедно со синдикатот на компанијата и го проследивме до сите вработени. Основниот акцент на моделот е на тоа да се наградуваат поединците кои работат кога некој е отсутен за процесот на производство да тече нормално. Реакциите на моделот, кој инаку ги следи воспоставените пракси во Словенија, беа различни, но поголемиот дел од вработените го разбираат и ги прифаќаат неговите цели, кои се насочени кон општото добро и долгорочната стабилност на компанијата.
Извор: Telegraf Biznis
Фото: Shutterstock

