Вести

Сојуз на средношколци: Дигитализацијата не смее да биде единствено решение

Дигитализацијата во образованието е чекор во добар правец, но не смее да биде единствено решение, порача Средношколскиот сојуз, кој денеска изнесе свој став за најавата на ресорното министетство за воведување дигитални учебници од четврто одделение од учебната 2021/2022 година. Утре ставот ќе го изнесе и на состанок со работната група што го креира овој концепт. 

Претседателот на Сојузот Бленди Ходаи во изјава пред Министерството за образование и наука рече дека образовниот систем мора да ги почитува индивидуалните желби и преференции на секој ученик, зашто секој има различен начин на учење – некои преферираат од учебник, а други од дигитални уреди.

– Според нашите информации, нема ниту една земја која целосно користи дигитални учебници во наставата. Сојузот смета дека дигитализацијата  во образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единствено решение. Моделот мора да биде сензитивен за различностите. Ако сакаме да имаме целосно дигитални учебници, тогаш учениците и наставниот кадар мора да стекнат дигитални вештини т.е. дигитална писменост. Не може нешто да биде обврзувачко за граѓаните, а тие ги немаат средствата за да го исполнат барањето. Ние сме земја со слаба дигитална мрежа, а тоа го покажа и фијаското на  наставата на далечина. Апелираме доколку се воведат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен и да не падне на првот ден како што беше со националната платформа schools.mk, изјави Ходаи.

Според Сојузот, за печатење на учебниците не смее да бидат обврзани училиштата зашто тие немаат соодветни ресурси, некои немаат ниту печатач, туку тоа да биде централизирано и да го спроведува МОН. Нагласи дека печатените улебници треба да бидат „вистински книги со корици, а не скрипти”. Добра алтернатива е, рече, и прикачување на учебниците во ПДФ-формат, но тоа да не биде правило.

Ходаи смета дека добар модел што би можеле да го преземеме има Белгија, каде што ученикот може да избере дали сака да учи од печатени или од дигитални учебници. Се согласува дека добар модел има и Естонија, кој како пример го посочува и министерката Мила Царовска, но напомена дека таму им се даваат ИТ-уреди на учениците за секој да има пристап до дигиталните учебници.  

– Но, ние не можеме тоа да го направиме зашто 40 000 ученици немаат интернет-пристап или уреди, а осум илјади од нив се во средно образование, додаде лидерот на средношколците.  

Во однос на изјавата на министерката дека училиштето не е повеќе интересно за учениците, Ходаи со коментар дека училиштата секогаш ќе бидат интересни за учениците, но нема да биде интересно, како што рече, да се одлучува за нив без да бидат прашани и консултирани 

– Така што, оваа изјава колку и да звучи логично, заклучокот на министерката не е само паушален, туку може да биде и опасен, смета Ходаи и додаде дека учениците во септември 2020-та во речиси сите градови во земјава протестирале за да се вратат во училиште на комбиниран модел на настава. Со тоа покажале,  рече, дека училиштата за нив не се само објекти, туку се важни за едукација, но и за  социјализација и интеракција меѓу учениците

На прашањето дали Сојузот ја поддржува онлајн-петицијата против дигитализацијата, одговори дека проблемите не се решаваат на Фејсбук, а тоа го искусиле со барањата што ги имаа за државната матура, за кои договорот го постигнаа со преговори.

-Треба да бидеме активни, да даваме конктретни предлози  како и што треба да се направи за дигитализација на учебниците. Само со пишување статуси на Фејсбук не се решаваат проблемите. Ние утре ќе имаме состанок со работната група што го креира овој концеот за дигитализација на учебниците и конструктивно ќе дискутираме за нашите барања, додаде претседателот на Средношколскиот сојуз.  

Во врска со државната матура, одговори дека процесот почнува да се одвива онака како што барале и дека обврските за интерните испити ги спроведуваат и оние училишта што тоа го избегнуваа, откако Сојузот минатата недела реагираше со допис до Владата и МОН дека не се почитува  договорот постигнат во февруари.

МОН: Младите ја поддржуваат дигитализацијата на образованието, со комбинираниот модел што стартува од септември заедно ќе ги надминеме сите дилеми и предизвици

Сојузот на средношколци потврдува дека младите во Северна Македонија ја поддржуваат дигитализацијата на учебниците и воопшто на образованието. Ова е и сосема логично ако се земе предвид дека светот во кој тие живеат, дигиталната ера на ИТ технологијата им овозможува со многу едноставно пребарување на интернет мрежата да дојдат до информациите за сите придобивки кои ги нуди дигитализацијата на материјалите за учење и до многу примери на земји во чии образовни системи ова решение успешно функционира и носи резултати кои се видливи најчесто преку постигнувањата на меѓународните тестирања.

Сепак, сосема е очекувано да постојат дилеми кај младите и кај нивните семејства, кои Министерството за образование и наука и другите надлежни институции како носители на промените кои треба да се случат, имаат обврска и должност да ги појаснат и разрешат.

МОН потсетува дека од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, кој ќе се имплементира сукцесивно во следните неколку години. Ова решение не предвидува дигиталниот учебник да биде единствена опција за учениците. Од прво до трето одделение учениците и натаму ќе користат печатени учебници, додека за учениците од четврто одделение приоритетна опција се дигиталните учебници. Лектирите остануваат исклучиво во печатена верзија.

Новото законско решение предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За оваа цел, во рамки на училиштата веќе се прават проценки и подготовки за обезбедување на одреден таканаречен „библиотечен фонд“ на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои имаат потреба од ваков тип на поддршка согласно законот.

Доколку пак, ученикот изрази потреба за користење на печатен учебник, истиот ќе му биде обезбеден од страна на училиштето. И во овој дел, предизвиците очекуваме да бидат сведени на минимум. Затоа што, образованието повеќе нема третман на потрошувач и поради тоа сé повеќе се вложува од сите можни аспекти во овој сегмент, вклучително и во опременоста на училиштата, како од страна на централната власт, така и од страна на самите локални самоуправи.

Дигитализацијата ја елиминира дискриминацијата, затоа што учебниците ќе бидат достапни и во аудио формат, на сите наставни јазици, и за прв пат ќе се печатат и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.

Примери за комбиниран модел за примена на учебници, како и за модели во кои дигиталниот учебник е единствена опција за учениците има многу, а позитивните искуства и практики беа предмет на анализа при конципирањето на нашиот автентичен модел чија примена започнува од учебната 2021/2022 година.

Дигитализацијата е процес кој се случува и мора да биде заокружен во сите општествени сегменти, вклучително и во образованието. Предностите се големи и тие, дел од граѓаните веќе ги почувствуваа преку искористување на некоја од дигитализираните услуги на МОН – како пријавувањето за стипендии, пријавувањето за сместување во студентски и ученички домови, постапката за нострификација на образовни квалификации стекнати во странство и слично.

Така што, МОН продолжува со активностите за креирање на политики и решенија во кои интересот, особено на учениците е во фокусот на вниманието. Во меѓувреме, секоја идеја и сугестија од младите и организациите кои ги претставуваат се добредојдени и во насока на подобрување на политиките кои ги засегаат.