Стопанска комора ќе го оспори Законот за недела неработен ден пред Уставниот суд
Бизнисмените незадоволни од новото законско решение со кое недела се прогласува за неработен ден. Велат дека законот е донесен без да се прифатат нивните барања. Според нив ваквото законско решение само дополнително ќе ја поттикне сивата економија.
„Сметаме дека пазарот секогаш се регулира според моменталните потреби и овој случај со недела неработен ден не е исклучок. Не сите дејности или категории треба да бидат опфатени стриктно од овој закон. Периодов имаме потреба за стимулирање на економската активност поради кризите кои ја опфатија и нашата земја. Целосно ‘затварање’ на недела како неработен ден, значи и можност и поттик за сивата економија, особено имајќи предвид дека многу малку се работи во таа насока, ако не воопшто“, вели Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северо-западна Македонија.
Од Организацијата на работодавачи стравуваат дека во некои сектори може да дојде и до отпуштање на работници.
„Мислам дека во преработувачка индустрија не би требало да има голема промена кај вработените, но во однос на трговијата на големо и мало може да има, затоа што и таму има ограничувања. Тој закон уште не е сменет ама најверојатно ќе дојде и тој на дневен ред. Таму на еден начин се ограничува работата на малопродажните објекти со одредени исклучоци. А на оние кои име дозволено да работат во недела, како оние дуќани во моловите, ќе мора да плаќаат зголемена дневница за 100% и да плаќаат 2% од прометот што го оствариле во недела на буџетот, како одреден вид надомест. Така да, тие работодавачи ќе си направат самите пресметка дали воопшто се исплатува да работат во недела. Ако не им се исплаќа, тогаш тие ќе го намалат бројот на работни часови и тогаш може да дојде до одредено намалување на бројот наработници“, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Од Стопанската комора на Македонија најавија дека ваквото законско решение ќе го оспорат пред Уставниот суд.
„Има многу неуставни елементи и ќе се преиспитува уставноста на ова законско решение. Остануваме на ставот дека никако не смее да се сопрат производните процеси бидејќи така одредени индустрии ќе претрпат сериозни загуби. Ако не работат во недела, тоа ќе го повлече и понеделник додека се подготви производниот процес за повторна работа, па всушност ќе се изгубат два дена во седмицата“, вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.
Стопанствениците се едногласни дека треба да се определи систем за работа по примерот на некои европски држави, каде работниците кои работат во недела се многу повеќе платени. На тој начин фирмите доколку сакаат ќе можат непрекинато да работат, а работниците ќе имаат шанса за поголема заработка.
Извор: Сител

