Толкување на одредбите за прекувремена работа
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Прекувремена работа
Работењето повеќе часови од полното работно време треба да претставува исклучок, а не секојдневна пракса. Но, Законот вели дека работникот е должен на барање на неговиот работодавач да врши и прекувремена работа, особено во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата, или пак доколку е потребно продолжување на деловниот или производниот процес.
Обврската за прекувремена работа се применува и доколку е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата или ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот.
ПРАВИЛНО е да се смета дека работодавачот е должен да му исплати на работникот покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата доколку работникот работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината.
ПОГРЕШНО е да се смета дека нема ограничување на прекувремената работа, напротив таа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за одредени специфични работи.
Проф. д-р Лазар Јовевски

