Светот на работникот

Транспарентност на платите – Во ЕУ, газдите повеќе не ќе можат да прашуваат колку плата сте земале на претходното работно место

Земјите членки на Европската унија имаат рок до 7 јуни 2026 година да ја имплементираат Директивата за транспарентност на платите, која беше донесена во мај 2023 година.

Оваа директива се однесува на вработените во јавниот и приватниот сектор во Европската унија, а нејзините главни барања се следните:

  • Обелоденување на рангот на платите – работодавачите мораа да ги информираат кандидатите за рангот на платите пред интервјуто за работа. Некои земји, како Полска и Ирска, планираат да побараат од работодавачите рангот на платите да го посочуваат во самите огласи.
  • Забрана за прашување за платите на минатите работни места – Според Директивата, нелегално е работодавачите да ги прашуваат кандидатите за нивната историја на плати.
  • Вработените можат да побараат и да добијат информации за платите на нивните колеги кои работат на иста работна позиција.
  • Се забрануваат клаузулите за тајноста на износот на платите.
  • Преместување на товарот за докажување – Во случај кога има судски спор за нееднаквост на платите, товарот за докажување од вработениот преоѓа на работодавачот. Тој мора да докаже дека не настанала дискриминација.
  • Компензација за дискриминација – Вработените кои ќе бидат жртви на дискриминација поради нееднаква плата имаат право на компензација, вклучувајќи надоместување на платите и бонуси.
  • Казни за непочитување – Земјите членки мораат да воведат ефективни и пропроционални казни.

Пријавување на родов јаз во платите

Директивата става огромен акцент врз задолжителното пријавување на нееднаквоста на платите. Роковите за пријавување зависат од големината на компаниите. На пр. компаниите кои имаат повеќе од 250 вработени, извештајот мораат да го поднесуваат годишно, со тоа што првиот извештај треба да ја опфати календарската 2026 година до јуни 2027 година.

Доколку во извештајот на некоја компанија се открие дека постои родов јаз кој изнесува повеќе од 5% кој не може објективно да се оправда, работодавачот ќе мора да спроведе процена на начинот на исплата на платите заедно со претставниците на работници.

Некои земји членки веќе започнуваат да ја имплементираат Директивата, но интересно е да се напомене дека Федерацијата Валониа – Брисел во Белгија, веќе ја има имплементирано, барајќи од работодавачите да го објавуваат рангот на платите во огласите, како и да поднесуваат извештаи за плаќањето на родителското отсуство.

Транспарентноста на платите во Македонија = мисловна именка

Македонија е светлосни години далеку од воведување на некаков закон кој би наложил транспарентност на платите, со цел да се намали родовиот јаз, но и да се види колку компаниите се фер во исплаќањето на платите. Да, Директивата ќе важи и за нас кога ќе влеземе во ЕУ, но што правиме дотогаш? Наместо да чекаме, да бидеме проактивни и да воведеме законско решение кое би гарантирало транспаретност, но и би предвидувало огромни казни доколку не се почитува.

На веб страните за огласи за работа можете да најдете еден куп на работни позиции каде што воопшто не се ни спомнува платата, а камо ли да се наведе рангот на платите за позицијата која се бара.

На крајот на краиштата, нема ништо лошо во тоа вработените да знаат дали се платени исто за истата работа како и нивните колеги.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.