СветСиндикат

Тричасовен штрајк во Кипар

Синдикатите во Република Кипар организираа денешен тричасовен општ штрајк од 11 до 14 часот, што ќе предизвика одложувања на прегледи и хируршки интервенции во болниците, тешкотии во авионскиот и јавниот превоз, како и затворање на училиштата, извести дописникот на МИА од Атина.

Причината за штрајкот е барањето на синдикатите за целосна имплементација на механизмот АТА, односно автоматско усогласување на платите со инфлацијата, односно животните трошоци.

Училиштата ќе бидат затворени од 11 до 14 часот, а Министерството за образование на Кипар, преку официјално соопштение, ги повика родителите навреме да ги подигнат своите деца и објави дека дневниот престој ќе биде повторно отворен по завршувањето на штрајкот.

Во тој период, болниците ќе примаат само итни случаи, планираните прегледи и операции се одложени, а нема да функционираат ниту јавните служби.

Според кипарските медиуми, штрајкот ќе предизвика проблеми во авионскиот сообраќај за околу 15.000 патници и околу 50 летови од и кон аеродромите во Ларнака и Пафос, а најмалку шест летови се откажани.

Јавниот превоз во државата целосно ќе биде стопиран три часа, а истовремено се закажани и протести во Никозија, Лимасол, Ларнака, Паралимни и Пафос.

Овој тричасовен штрајк следи откако не беше остварен никаков напредок во разговорите меѓу синдикатите и министерот за труд околу механизмот АТА, а се очекува преговорите да продолжат во иднина.