Постои ли КОИНЦИДЕНЦИЈА во ек на изборна кампања?
Прочитав и слушнав лавина на реакции по објавата дека работното време на административците ќе се намали на 36 часа и дека во петок ќе работат само половина работно време, односно 4 часа. Пред да продолжам понатаму, би сакал да потенцирам дека во ниеден случај не планирам да бранам работници од одреден сектор, бидејќи јас, како што можете да прочитате во моите колумни, се залагам за унапредување на работничките права на сите работници, без разлика на тоа во кој сектор работат.
Уште од кога започнав да пишувам за сферата на работните односи, започнав да ставам акцент врз тоа дека ситуацијата со работничките права во Македонија е очајна и дека потребна е целосна и сурова реформа на трудовиот систем. Под трудов систем ги подразбирам сите сектори, гранки, дејности итн., така да ако нешто важи за едниот сектор, би требало да важи и за другиот. За да бидам попрецизен, мислам на јавниот и приватниот сектор. Реалноста е дека приватниот сектор е оној којшто влева пари во буџетот и тоа е нешто што не може да се негира, бидејќи просто е факт. Од друга страна на вработените во јавниот сектор им се исплаќа плата, којашто во многу случаи е колку минималната, токму благодарение на приватниот сектор. Сепак, тука не станува збор за унапредување на правата од работен однос на државните службеници, туку нешто друго е во прашање – знаеме сите што е тоа – гласачка машинерија. Политичките партии кои досега биле и моментално се на власт си имаат свои партиски војници во државните институции, па за да ги намамат да гласаат за нив секогаш кога има избори. Со тоа, се отвора и прашањето: ДАЛИ Е ОВА ПРЕДИЗБОРЕН ПОТКУП?! Но, има надлежни којшто треба ова да го истражат и обелоденат. Јас не би да шпекулирам, иако многу нешта укажуваат дека одговорот на горенаведеното прашање е потврден, најмногу поради тоа што е Déjà vu или веќе видено, но во друга форма.
Верувам дека во државната администрација има луѓе коишто ја работат својата работа како што треба, но истите поради партиските војници инсталирани од политичките партии не можат ни да дојдат до израз, а воедно се ставени под притисок за да се приклучат на „машинеријата“. Од друга страна, вработените во приватниот сектор заслужуваат да ги имаат истите права, бидејќи тие ја даваат најголемата жртва. Голем дел од нив работат за профитери чијашто единствена грижа е колку пари ќе успеат да заработат, каков џип ќе купат, каде ќе купат куќа, на колку ката… Нивните работнички права се прекршуваат многу почесто и поинтензивно, иако и вработените во јавниот сектор каде што спаѓа и државната администрација се изложени на слични маки. Така да, би требало да направат да биде исто и во приватниот сектор. Нека го намалат работното време на 36 часа и во петок да работат 4 часа. Оваа ставка би можела да се вметне во Законот за работни односи чиишто измени се во тек и во Колективниот договор за приватен сектор. Тука треба да изреагира и синдикатот којшто вели дека е репрезентативен во приватниот сектор и да побара да се отвори Колективниот договор, но како што гледам досега нема таква иницијатива.
Факт е дека сите работници заслужуваат да им се унапредат работничките права. Сите земји ги намалуваат работните часови, воведуваат флексибилни модели на работење…, зошто да не и ние? Но, кога ќе размислам подобро мислам дека во случајов со административците не се работи за унапредување на никакви права, туку ми наликува на нешто што брзо ќе помине и ќе се заборави. Законот за а можеби е во нацрт верзија, но прашање е дали ќе помине во Собрание. Еве на пример, законското решение за недела – ден за неделен одмор требаше вчера да стапи во сила, според зборовите на Премиерот и Министерката за труд и социјална политика, но се одложи на неодредено. Ова што ви кажува? Објавувањето на Законот во нацрт верзија може и да не се донесе или пак да се одолговлекува. Како и да е, ова што се случува не е коинциденција.

