Туристичките агенции не сакаат кредити како помош
Туристичките агенции лути по изјавите за содржината на петтиот пакет мерки. По изјавите на вицепремиерот Битиќи и министерот за економија Бектеши дека во петтиот пакет мерки финансиската поддршка за плата ќе биде заменета со бескаматни кредити, секторот туризам остро реагира на овие одлуки, објави Нова Македонија.
– Како е можно кога по една година тотален колапс на туризмот, во време кога не знаеме дали во наредните 3 месеци ќе имаме егзистенција, бидејќи нема подобрување на повидок, да добиваме кредити наместо помош – прашува секторот.
Оттаму велат дека повеќе од половина туристички агенции се одбиени во претходните објавени мерки за аплицирање за кредит, поради, како што велат, неверојатните услови кои беа поставени за нивно добивање, а сигурно исти такви услови ќе се воведат сега, додаваат тие.
– Кога треба кредитот да го добијат сите и тоа се гледа како мерка за помош, треба да се скратат условите или воопшто да ги нема освен нормално падот на прометот, кој во овој сектор е над 90%. Помош со бескаматни кредити не е помош кога има услови, и треба сите да имаат можност да го користат. Исто така, правното лице без разлика дали имало негативен исход на крајот на годината, треба да може да ја добие помошта.

