МакедонијаСветот на работникот

ЧЕТИРИДНЕВНАТА РАБОТНА НЕДЕЛА ПО ДЕСЕТ ЧАСА ДНЕВНО БИ МОЖЕЛА ДА СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА КАЈ НАС – „Подобро е да го земеме примерот од Полска“

Неодамна Грција донесе предлог законско решение кое предвидува родителите да работат четири дена во неделата по 10 часа наместо сегашните 8. Редакцијата на порталот Работник разговараше со Даниела Тодоровска Пепиќ, познавач на трудовото право и специјалист за човечки ресурси, за тоа дали и во Македонија ни треба слично законско решение.

Таа во разговорот посочи дека ова законско решение има позитивни и негативни страни.

„Позитивните страни се тоа што вработените би имале подолг викенд, односно три дена одмор, што овозможува повеќе време за семејството, лични активни и други обврски. Сепак, тоа не значи дека секогаш овие денови ќе можат да бидат поврзани во еден продолжен викенд“, вели Тодоровска – Пепиќ.

Работниците би имале и можност за подобар баланс помеѓу работниот и приватниот живот и потенцијално зголемување на продуктивноста, иако тоа не може да се гарантира. Би имало и поголема флексибилност за работодавачите и вработените во организацијата на смените и намалени трошоци за превоз, бидејќи би се патувало еден ден помалку.

Негативни страни

Подолгите работни денови, како што вели нашата соговорничка, значат и поголем замор, намалена концентрација и послаб фокус.

„Иако имаат дополнителен слободен ден, тоа не гарантира дека вработените ќе бидат помотивирани или повеќе посветени. Дури и денес, 8-часовниот работен ден често се смета за преголем и нецелосно ефикасен“, вели Тодоровска – Пепиќ.

Дополнително, таквиот распоред на работа би предизвикал тешкотии во организирањето на семејните и домашните обврски, особено кај родителите со мали деца.

Во индустриите со зголемен ризик (градежништво, производство и сл.) долгиот работен ден дополнително ја зголемува опасноста од физички и психички оптоварувања, вели нашата соговрничка. Таа додава дека тука е и постојаниот ризик од злоупотреби, особено во земји каде што работничките права не секогаш се почитуваат. Постои опасност ова да се претвори во практика од 5 дена х 10 часа, без никаква компензација за работниците.

„Кога ги ставам на вага позитивните и негативните ефекти, би рекла дека сум против ваквата форма на четиридневна работна недела. Доколку веќе треба да се воведе ваква промена, најдобро решение би било 4 дена х 8 часа“, децидна не Тодоровска – Пепиќ.

Наместо да се мери колку долго некој останал на работното место, вели таа, фокусот треба да се стави на резултатите и перформаност.

„Би рекла дека е подобро и поефикасно да земеме пример од Полска и нејзиниот експериментален 4 дневен план за работа наместо од моделот на Грција“, заклучи нашата соговорничка.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.