Чувстувам силен мирис на РАБОТНИЧКА РЕВОЛУЦИЈА
Автор: Бобан Илијевски
Не знам зошто, но силно ми мириса на работничка револуција. Не знам, но еве да претпоставам. Можеби ми мириса на работничка револуција поради протестите коишто ќе се одржат наредната недела и поради пркосот кој СОНК го манифестира преку Генералниот штрајк и неприфаќањето на понуда која не соодветствува со неговите барања. Можеби е и тоа што речиси сите синдикати и граѓански организации од областа на работничките права се обединуваат во еден фронт во борба за унапредување на правата од работен однос. Како и да е, работничка револуција е неизбежна.
Во претходната колумна напишав дека работниците созреваат. Мислам дека нивното обединување е доволен доказ за тоа. Сите работници, без разлика дали се од јавниот или приватниот сектор, започнуваат или ќе започнат да си ги бараат своите права кои пред се, им ги гарантира Уставот на Република Македонија како највисок правен акт, а потоа законите од трудовата легислатива, колективните договори и меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот кои Македонија ги има ратификувано.
Синдикатите и граѓанските организации, барем оние коишто се залагаат за унапредување на работничките права, велат дека им е дојдено преку глава од игнорантскиот однос и непочитувањето на законските прописи од страна на Владата. Впрочем, Владата е таа којашто е најголем “виновник” за обединувањето на организациите кои се борат за работничките права и за претстојната работничка револуција.
Морам да напоменам дека за жал имаме и синдикат кој не се грижи за правата и благосостојбата на работниците. Истиот тој синдикат, за жал, ги поткопува сите оние цели кои вистинските синдикати и граѓански организации ги имаат поставено и вложуваат труд да ги постигнат. Сепак, тука морам да бидам реален и да кажам дека во склоп на тој синдикат има грански синдикати кои навистина се борат за работничките права. Еден од нив постојано е на браникот на градежните работници, штитејќи ги нивните права од газдите и Владата. Да се бориш со работодавачите од приватниот сектор не е ни малку лесно, но има синдикати кои го прават тоа.
Синдикатите мора да бидат солидарни и обединети доколку сакаат напредок и подобрување на животот и благосостојбата на работниците. Со тоа што еден синдикат ја попречува работата на останатите, не им прави добро на работниците. Затоа, потребно е да се гледа единствено интересот на работничката класа. Ништо друго.

