Што е синдром на измамник и како да се справиме со него? – Интервју со Ирена Алексова, лиценциран психолог и HR консултант
Синдромот на согрување (burnout), синдромот на измамник (imposter), и како да се справиме со нив, беа темите на кои разговаравме со Ирена Алексова, лиценциран психолог и консултант за човечки ресурси. Алексова во текот на интервјуто дава практични совети за тоа како можеме да се справиме со овие синдроми.
Работник: Што е синдром на согорување на работно место (burnout), кога најчесто се појавува и кои се симптомите?
Алексова: Синдромот на согорување (burnout) не претставува само замор, туку длабока психичка и емоционална исцрпеност која се јавува кога по подолг временски период лицето е изложено на притисок, особено ако работи на работно место кое не го сака или каде што не се чувствува доволно ценето. Светската здравствена организација (СЗО) го дефинира burnout како резултат на хроничен стрес на работното место кој не е успешно менаџиран. Иако не е медицинска болест, тој има значајно влијание врз здравјето, мотивацијата и секојдневниот живот на поединецот.
Во Македонија, според истражување од 2023 година, речиси 70 % од вработените пријавиле умерени до сериозни симптоми на burnout, при што најзагрозен е индустрискиот сектор. Burnout не се јавува само поради големиот обем на работа, туку пред сè поради тоа што лицето работи нешто што не му прилега и што не го исполнува, туку го исцрпува. Кога некој секојдневно се наоѓа во средина каде што неговата енергија, креативност и труд не се препознаваат, а понекогаш дури и се злоупотребуваат, доволни се неколку часа на такво место за да почувствува опаѓање на мотивацијата и губење на смислата. Тоа претставува јасен сигнал дека лицето предолго се обидува да издржи нешто што длабоко не му одговара.
Главни симптоми се: Емоционална исцрпеност, цинизам и оддалечување од работата, намалена работна ефикасност,чести болести, нарушен сон и анксиозност.
Работник: Што би требало компаниите да преземаат за да им помогнат на вработените да се справат со овој синдром?
Алексова: Синдромот на согорување не е само лична борба на вработениот, туку и јасен сигнал до компанијата дека нешто во работната средина не функционира како што треба. Од психолошка гледна точка, работното место е клучна арена каде се обликува менталната и емоционалната состојба на човекот. Затоа, компаниите имаат огромна одговорност и моќ да создадат средина која ги поддржува, а не ги празни своите вработени.
Според Harvard Business Review (2023), најуспешните компании не чекаат вработените сами да „прегорат“, туку превентивно препознаваат и решаваат проблеми. Тие спроведуваат:
- Редовна проценка на работното оптоварување и емоционалниот стрес за навремено откривање на исцрпеност.
- Флексибилно работно време и опции за работа од дома, што им дава на вработените контрола врз својот живот и ја намалува хроничната напнатост.
- Психолошка поддршка преку советувања, обуки и менторство за зајакнување на отпорноста и менталното здравје.
- Јасна комуникација за цели и очекувања, која создава доверба и ги намалува стресот и анксиозноста.
- Вреднување на трудот преку признанија и пофалби, што ја зголемува мотивацијата и самодовербата.
Културата на грижа и поддршка не само што гради силни тимови, туку создава и атмосфера во која луѓето сакаат да растат и да останат. Тоа е инвестиција која се исплатува и носи придобивки за сите засегнати страни.
Работник: Што е импостер синдромот и како може да се надмине?
Алексова: Импостер синдромот е чувство кое многумина го познаваат, но ретко го признаваат. Тоа е оној внатрешен глас што ти вели дека си „измамник“ и дека твоите успеси се случајни, без оглед на тоа колку и да си постигнал до сега.
Истражувањата, како што покажува International Journal of Behavioral Science (2020), откриваат дека ова чувство е најчесто кај високо постигнати луѓе и кај жените, кои постојано се борат со стравот дека ќе бидат „разоткриени“ како нестручни.
Дел од начините кои можат да ни помогнат во надминување на овој синдром се:
- Когнитивно-бихејвиорална терапија (CBT) која помага да се променат негативните мисловни шеми.
- Разговори со ментор или психолог кои нудат поддршка и реална перспектива.
- Водење дневник на постигнувања, каде што ги запишуваш своите успеси и ја градиш свеста за својата вредност.
- Групи за поддршка на работното место каде се споделуваат искуства и се учи од другите.
- Признавање на успехот без да се бара совршенство, бидејќи перфекционизмот само го одржува стравот од неуспех.
Работник: Дали сметате дека оние компании коишто можат да го дозволат тоа, би требало да имаат вработено психолог со кој вработените би можеле да разговараат, а оние што не можат, да им овозможат надоместок на вработените на коишто им е потребно психолошко советување за да посетуваат психолог?
Алексова: Да, тоа е многу разумен и одговорен пристап на компаниите. Компании кои можат да ангажираат интерен психолог прават голема услуга, тие не само што ја превенираат појавата на стрес и burnout, туку и интервенираат навремено кога проблемите се појавуваат. Според American Psychological Association (APA, 2023), за секој вложен 1 долар во менталното здравје на работното место, компаниите добиваат поврат од 4 долари преку повисока продуктивност и помалку отсуства.
За помалите компании, кои не можат да ангажираат психолог на полно работно време, одлична алтернатива е да им понудат на вработените финансиска поддршка за посети кај лиценциран психолог. Ова е јасен сигнал дека компанијата ја цени добросостојбата на своите вработени.
Покрај тоа, еве неколку други важни мерки кои ја јакнат поддршката за менталното здравје: Флексибилност и автономија (да им се овозможи на вработените поголема самостојност и слобода во начинот на работа, што ја зголемува нивната контрола и задоволство), Регуларни психолошки проценки и „check-in“ сесии тоа значи редовни разговори и проценки за рано откривање на стрес и загриженост, Обуки за менаџерите – корисно е да се научат како да препознаат знаци на прегорување и како да поддржат вработени во ризик, Невидливата поддршка – создавање култура каде што користењето ментално-здравствени услуги е нормализирано и охрабрено, без стигма.
Работник: Низ светот се зборува за воведување на денови за ментално здравје. Некаде и се веќе воведени. Што претставуваат овие денови и колку е голема потребата и кај нас да се воведе ваква пракса?
Алексова: Деновите за ментално здравје се слободни денови кои им се овозможуваат на вработените за одмор, психолошка регенерација или посета на советување – без потреба од објаснување. Оваа пракса веќе ја применуваат компании како Google, LinkedIn и SAP.
Според Forbes (2024), овие денови:
- го намалуваат ризикот од burnout
- поттикнуваат култура на отвореност
- ја зголемуваат лојалноста на вработените
Во земји како Канада, Јапонија и Австралија ваквите денови се институционализирани. Кај нас, ваквата практика е сè уште нова, но има голем потенцијал да ја подобри работната атмосфера и да ја нормализира грижата за менталното здравје.
Работник: Што би ги посоветувале вработените кои во моментот поминуваат низ некакви тешкотии. Што да направат?
Алексова: Првиот чекор е признание и грижа за себе. Најважно е личноста да го препознае чувството на согореност и да си признае дека поминува низ тежок период – што е знак на зрелост и грижа за своето ментално здравје.
Практични совети кои можат да ви се најдат во справување со согореност се:
- Разговарајте со блиска доверлива личност, психолог или терапевт за поддршка и разбирање.
- Поставете јасни граници: на пример, определете ја неделата како ден без проверка на лаптоп, е-пошта или мобилен телефон, односно избегнувајте се што е поврзано со изворот на стрес и го предизвикува чувството на согореност..
- Земете кратки паузи или одмор кога ви е потребно.
- Потсетете се на вашите вредности и способности – тие се вашата силна страна.
- Побарајте поддршка од менаџментот или HR, бидејќи и тие можат да помогнат.
- Водете грижа за себе со редовна физичка активност, сон и здрава исхрана.
И најважно е да запомниме дека чувството на Burnout не е слабост, туку сигнал дека можеби сте на погрешно место. Toa е покана да се вратите кон себе и да го најдете својот вистински пат и работа со значење и интринзична исполнетост.

