ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Јовевски: Европскиот живот не доаѓа од зборови туку од дела!

Весела статистика на невработеноста- 2. дел
… И покрај неуспешниот попис, македонскиот Завод за статистика си објавува ,,бројки” веќе во трет сет податоци кои се нецелосни- според тоа и неточни!
Беше објавено дека има околу 110 000 невработени лица од кои 80% се со завршено средно или основно образование, но и стотина доктори на науки и околу 1500 магистри кои се исто така невработени.
Од невработените околу 14 проценти имаат завршено високо образование, а од сите невработени околу 60 % се жени.
Со резерва ги земам сите овие бројки, бидејќи иако покажуваат некои општи тенденции и иако наводно се попишаа и иселените во дијаспората, сепак огромен број невработени лица, односно над 200 000 лица само во овој квартал ја напуштија Македонија (плус, се сеќавате какво губење на работни места имаше поради Ковид-кризата!). Новиот одлив на работници кој се случи во овој квартал, односно по затворање на ,,пописот”, тие бројки на невработени не се вклучени во бројките објавени од статистика, така што не ја прикажуваат ни оддалеку вистинската состојба со невработеноста.
Очигледно ова се користи како можност за да не се покаже вистинското лице на негрижата на државата за благосостојбата и економската ситуација на сопствените граѓани.
Од друга страна пак, невработените лица во рамки на ,,Отворен Балкан” ќе добијат можност да отидат да работат во Албанија или Србија, па можеме само да си замислуваме каков ќе биде вкупниот одлив на работна сила. Зашто досега не се прикажа некаков план, стратегија, ниту визија што ќе прави државава за да ја подобри целокупната економска состојба. Дали можеме да очекуваме зголемена економска продуктивност во Република Македонија ако ги изгубиме работниците? Всушност, се добива впечаток дека за се’ чекаме добра волја од соседите да ни ги решаваат проблемите, да ни обезбедуваат храна и енергенси, следно да ни ги вработат невработените, притоа не водејќи сметка дека работната сила ја подобрува економската продуктивност на земјата. Дури и реално непостоечките проблеми оставаме да ни ги ,,решат” соседите, а за возврат се прифаќаат секакви услови од нивна страна. Иако е предоцна, сепак би било добро некој да ги консолидира политиките и да се сврти кон дома за да работи на подобрување на животните услови и стандард. Европскиот живот не доаѓа од зборови туку од дела!
Проф. д-р Лазар Јовевски